1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гадафи сака да умре како маченик

Советот за безбедност на ОН на синоќешната итна седница го повика либискиот претседател, Гадафи да го запре крвопролевањето во земјата. Во обраќање до нацијата, пак, Гадафи најави дека сака да умре како маченик

default

Гадафи синоќа преку државната телевизија одржа „револуционерен“ говор

Не смее да се користи оружје против луѓе кои изразуваат оправдани барања, се вели во соопштението на Советот.

„Изразуваме голема загриженост, го осудуваме насилството и жалиме за смртта на стотици лица“, се вели во соопштението на Советот за безбедност на ОН, што го поддржаа сите 15 членки. Членките на Советот порачуваат дека Гадафи треба да го сфати документот како јасен сигнал дека тој ја носи одговорноста за заштитата на неговиот народ. Заменик амбасадорот на Либија, Ибрахим Дабаши, кој претходно се дистанцираше од актуелниот режим во неговата земја, пред членките на Советот за безбедност изјави дека Либија се наоѓа на почеток на геноцид, бидејќи Гадафи користи странски платеници во борбите против сопствениот народ.

Во меѓувреме противниците на Гадафи тврдат дека контролираат околу 90% од територијата на земјата. Голем број воени и полициски единици минаа на страната на демонстрантите, изјавија високи функционери на Либија, кои се дистанцираа од шефот на државата. Непотврдени извори од теренот тврдат дека војската стрелала врз демонстрантите и користела дури и воени авиони. Поради примената на сила против народот синоќа оставка поднесе министерот за внатрешни работи Абдел Јунес. Министерот застана на страната на демонстрантите и ги повика силите за безбедност да ги слушнат барањата на народот. Претходно оставка поднесе и министерот за правда Мустафа Абдел Џалил.

Гадафи повикува на контра-протести

Претседателот Гадафи, пак, синоќа им се обрати на граѓаните во телевизиски говор, барајќи од сите денеска да излезат на улица и да ја манифестираат поддршката за него. Тој им се закани на демонстрантите со смртни казни поради кревањето востание против државните структури. Според Гадафи, иницијатори на протестите биле млади луѓе под дејство на дрога, за малку подоцна во говорот да тврди дека станува збор за завера на странските тајни служби.

Unruhen in Libyen Dossierbild 1

Демонстрантите тврдат дека контролираат 90 отсто од територијата на Либија

Хаотичниот и драматичен говор предизвика голема загриженост во меѓународната јавност, дотолку повеќе што Гадафи изрично одби да се повлече од власта, тврдејќи дека ионака нема никаква официјална функција, туку е само „лидер на револуцијата, кој ја има поддршката на народот“. Својот говор, Гадафи го заврши со ставот дека планира да умре како маченик.

Германската влада во меѓувреме се закани со воведување санкции доколку Гадафи продолжи со примената на сила против сопствениот народ. Шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле порача:

„Ја повикуваме либиската влада веднаш да го прекине насилството против сопствените граѓани. Доколу тоа сепак продолжи, ќе мора да воведеме санкции.“

Автор: Хајнер Кизел/Горан Чутановски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM