1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

В година македонски филм на Берлиналето?

Оптимизмот за подобри времиња за македонскиот филм го најавија Дарко Башевски, директор на Филмскиот фонд, но и младите актери кои учествуваат на Талент Кампусот од каде редовно се трасира патот на успехот.

default

Во изминатата кризна година во Македонија се работеа седум филмски проекти. Факт и аргумент кој влева оптимизам со кој Дарко Башевски, првиот човек на Филмскиот фонд настапи на Европскиот маркет на Берлиналето. Контактите и разговорите, како вели Башевски, беа со цел да се подготви теренот за филмовите кои доаѓаат.

Darko Basevski

Предселекцијата за идното Берлинале ќе биде во Скопје. Дарко Башевски, директор на Филмскиот фонд на Македонија

Од овие 7 филма готови се „Војната заврши” на Митко Панов, кој беше прикажан на националниот швајцарски фестивал. Готов е и омнибусот на пет жени режисерки од поранешна Југославија, меѓу кои е и Марија Џиџева. „Како бебе” на Милчо Манчевски се финишира и се прави напор да стаса до Канскиот фестивал. Потоа тука се и: Владимир Блажевски со „Панкот не е мртов”, филмот на десетмина млади режисери „Досие Скопје”, па „Татко” на Шчипе Нуредини и македонско-ирско-шведската копродукција „Како да ме нема” на Хуанита Вилсон за кој прокет Башевски со коментарот: „Филмот се снимаше комплетно во Македонија. Тоа беше најголема инвестиција зашто за пет-шест недели беа потрошени 900.000 евра. Проектот има и друга тежина. Режисерот Хуанита Вилсон е и официјален кандидат за Оскар со нејзиниот краток филм”.

Заеднички регионален настап

Со оглед што светските фестивали од „А“ категорија се скапи договорен е заеднички настап на осум држави од регионот, зашто со тоа ќе се намалат трошоците и презентацијата ќе биде поагресивна. Со ваквиот концепт се стартува на Канскиот фестивал. Секоја земја ќе има еден ден за презентација, но останатите седум едновремено ќе комуницираат со сите гости така буквално осум земји, осум дена ќе бидат активни. Покрај Македонија, тука се Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија и Кипар.

Башевски одговара и на прашањето колкави навистина се шансите преку поголема реклама и контакти македонскиот филм да стаса до големите фестивали: „Се’ помага, но најмногу добриот филм. Бидејќи конкуренцијата, посебно за Берлин и Кан е огромна, можеби ќе помогне што годинава е договорено предселекцијата за Берлиналето 2011, за сите земји од екс-Југославија да биде во првата недела на ноември во Скопје. Наши гости ќе бидат предселекторите на Берлинскиот фестивал и се надевам дека ќе обрнат повеќе внимание на македонскиот филм. Затоа им дадовме и задача на младите режисери кои работат кратки филмови, да ги завршат до 1. ноември за да има можност да бидат презентирани на предселекцијата и да добијат шанса да се прикажат и на Берлиналето”.

Шанса за македонските таленти

02.2010 DW-TV Berlinale Talent Campus 2010

Повеќе години на назад на Талент Кампусот искуство собираат млади од Македонија

На Талент Кампусот на Берлиналето, меѓу над 300 млади луѓе кои се ангажирани околу и со филмот, имаше и четворица Македонци: Милиана Додевска, Огнен Георгиевски, Славиша Кајевски и Драгана Костадиновска.

„Овде има луѓе од различни професии: продуценти, режисери, актери. Имаме актерски предавања, дискусии, можност да се запознаеме со познати кастинг директори. Интересно е да се слушнат искуствата на тие луѓе и доколку сакаме да правиме интернационална карира, да ги чуеме нивните совети и нивниот пат,” вели Славиша Кајевски, актер кој ја имаше главната улога во штотуку завршеното снимање на „Ова не е американски филм” на Сашо Павловски.

Актерката Драгана Костадиновска, по трите дена во кампусот вели дека и работата во Македонија е многу современа. Единствена разлика е што има помалку продукција и помалку пари. А експертите и способноста на луѓето е на ниво.

Меѓународната кариера за која сонуваат многумина кои доаѓаат на Талент Кампусот многу не ги „потресува” македонските актери. Драгана е задоволна и ужива да работи во МНТ, да биде крај пријателите. Славиша Кајевски, пак, си посакува да снима многу филмови и со еден македонски - да стигне на Берлиналето!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска