1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вујановиќ фаворит, Лекиќ се надева

Околу 510 илјади граѓани на Црна Гора со право на глас денеска избираат претседател на државата. Засега е извесно дека нема да има втор изборен круг, зашто во игра се двајца кандидати: Филип Вујановиќ и Миодраг Лекиќ.

Прв на гласачкото ливче е досегашниот претседател на Црна Гора во два мандата, Филип Вујановиќ (на насловната фотографија). Тој е кандидат на Демократската партија на социјалисти, ДПС, и нејзин претседател, а ја има и поддршката на најголем број партии на малцинските национални заедници во земјата.

Меѓутоа, индикативно е што Вујановиќ ја нема поддршката на Социјалдемократската партија, СПД, на Ранко Кривокапиќ, која веќе 15 години е коалициски партнер на ДПС. Социјалдемократите особено му забележуваат на Вујановиќ за односот кон црногорските државни симболи и кон Црногорската православна црквa, како и за блискоста кон официјален Белград. Тие наведуваат и дека третиот негов избор за претседател би значел кршење на уставот, во кој стои: „едно лице само два пати со ред може да биде избрано за претседател на државата“. Овој став на СПД зборува дека, без оглед на денешниот исход од гласањето, наскоро ќе дојде до промени на црногорската политичка сцена, односно внатре во владејачката коалиција. Вујановиќ веќе навести дека ДПС по изборите ќе го отвори прашањето за натамошна соработка со СПД.

Владејачката партија на премирот Мило Ѓукановиќ, инаку, со недели е во многу незгодна позиција, зашто медиумите во Подгорица секојдневно објавуваат снимени изјави на челници на партијата од партиските состаноци, од кои се гледа како ги злоупотребуваат државните ресурси во изборните кампањи. И ЕУ бара расветлување на аферата „Снимка“, а Собранието на Црна Гора го покрена инструментот на анкетно сослушување на учесниците на овој скандал.

Лекиќ ја има поддршката на опозицијата

Покрај аферата, и фактот што земјата се наоѓа во рецесија значително ги зголеми шансите на противкандидатот на Вујановиќ, бившиот шеф на црногорската дипломатија, Миодраг Лекиќ. Тој успеа да ја обезбеди поддршката на целата опозиција. Лекиќ во изјава за Дојче веле истакнува дека се надева во силната желба на граѓаните за промени.

Miodrag Lekic

Кандидатот на опозицијата, Миодраг Лекиќ

„Мислам дека победата на претставникот на опозицијата би била победа на демократијата во Црна Гора и лековита за црногорското општество“, смета Лекиќ.

И меѓународната заедница, истакнува тој, бара автономни институции, а не само едногласие.

„Очекувам и граѓаните тоа да го увидат и да овозможат избор на независна, автономна личност за претседател кој, се разбира, би соработувал со владата во интерес на државата, би ја одразувал културата на национално единство, а од друга страна би бил подготвен на конфронтации ако се работи за разлики, особено на основниот план на болеста на црногорското општество, а тоа е корупцијата и организираниот криминал“, нагласува Лекиќ.

Вујановиќ е фаворит

Политичкиот аналитичар Светозар Јовичевиќ за Дојче веле предизборната кампања ја оценува за негативна, а Вујановиќ за фаворит, зашто зад себе ја има моќната партиска инфраструктура. Најлошoто за Црна Гора, според него, е тоа што граѓаните немаат доверба во изборниот процес.

„Мислам дека опозицијата при крајот на овој процес покажа поголем степен на зрелост од претходните случаи, што во голема мерка е заслуга на Лекиќ“, вели Јовичевиќ.

„Тоа дава надеж нешто сепак да може да се смени на политичката сцена на Црна Гора и покрај сите можни злоупотреби. Ако се случи победа на опозициониот кандидат, колку и да се ограничени неговите можности и уставни ингеренции, тој со својата личност, со својот став, може да изврши големо влијание во правец на промена на свеста кај многу луѓе, заробени од 23-годишната политика на црногорската власт. Верувам, тоа би бил почеток на крајот на ваква власт“, вели Јовичевиќ.

Она што е единствено извесно е дека нема да има втор круг на изборите и дека Црна Гора доцна вечер ќе добие претседател со петгодишен мандат.