1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вучиќ: Србија не го потпишува договорот со Косово

Одлука на Српската напредна партија е да не го потпише понудениот договор со Приштина. Партијата ќе и‘ предложи на владата да бара продолжување на преговорите, вели претседателот на СНС, Вучиќ.

Српската напредна партија денеска ќе побара итно продолжување на дијалогот со Приштина, односно итно продолжување на разговорите.

„Одолговлекувањето не е добро ни за Белград ни за Приштина, ниту за Србите на Косово“, изјави денеска (07.04) Вучиќ.

Тој наведе дека е разочаран од понудата на Брисел, која не ја прифаќа зашто таа подразбира додавање албански општини, како јужна Митровица, кон северно Косово, со што би се променил етничкиот состав на тој регион.

„Не добивме ниту јасен одговор за присуството, односно неприсуството на косовските сили на безбедност, како ни за надлежностите во образованието и здравството. Исто така не ни се разјаснети и составите на судовите“, истакна лидерот на СНС. Тој меѓутоа дополнува - ова не значи дека треба „да се затвори вратата кон ЕУ“.

„Оваа партија нема да го направи тоа... Ако Србија не најде решение во Брисел, кој ќе отвора фабрики, како ќе се исплаќаат плати и пензии, како ќе дојдат нови инвестиции?“ Лидерот на СНС истакна дека ни тој ни партијата „не сакаат да ја водат Србија во минатото, ниту во пропаст“.

„ЕУ пак, мора да ги почитува луѓето кои се борат за својата земја“.

Вучиќ не одговори конкретно на прашањето кога е денот „Д“ за добивање датум за почеток на преговори:

„Не мислам дека е тоа клучното прашање. Датум ќе ни дадат во јуни или во септември или некој друг рок. Ниту изборите во Германија не се толкава кочница како што тврдат некои“, изјави Вучиќ.