1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вучиќ е подготвен и пеш да замине на преговорите во Брисел

Првиот потпреседател на српската Влада Александар Вучиќ изјави денеска дека Србија не сака да се замрзне конфликтот на Косово, но оти за компромис е потребно да се создадат услови за живот и опстанок на Србите на Косово.

„Договор мора да се постигне или сега или во иднина. Србија нема време да чека во замрзнат конфликт уште година или пет, а економијата да и пропаѓа и младите да си одат“, рече првиот потпретседател на Владата на Србија Александар Вучиќ на денешната прес-конференција во Владата на Србија и додаде дека за замрзнат конфликт зборуваат „зовриени глави“.

Тој ги повика ЕУ и САД да водат сметка и за интересите на Србија и да не ја понижуваат, бидејќи, како што наведе, владата е подготвена за модернизација на земјата и за промени, но дека очекува и поддршка од меѓународната заедница бидејќи Србија со работата на својата влада заслужила почит и датум за преговори за членство во ЕУ. Вучиќ додаде и оти лично не би сакал и оти не гледа потреба да оди во Брисел на преговори на 2. април, но истакна дека би преземал секаква одговорност за резултатот на преговорите и ако во нив не би учествувал директно.
„Ако морам да сторам било што да помогнам да дојдеме до договор, слободно да се посветиме на други области, ако така сметаат претседателот и премиерот спремен сум да одам и пеш“, рече Вучиќ на конференцијата за новинари во Белград.
Вучиќ, кој е и министер за одбрана, рече дека Србија на преговорите во Брисел сака да разговара и да ги реши суштинските проблеми врзани за надлежноста на заедницата на српски општини, како прашањата за полициските сили, правосудството и присуството на „нечии воени сили“ на тој простор.
Вучиќ кажа дека, како и да се завршат преговорите во Брисел на 2. април, Србите и Албанците и понатаму ќе мораат да живеат едни покрај други и оти е затоа важно да се води сметка за интересите на двете страни.
Вучиќ рече и дека разговорите ќе мораат да бидат продолжени ако двете страни не се договорат во Брисел на 2. април