1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вулф сака да патува од Берлин до Атина без граници

Германскиот и хрватскиот претседател Кристијан Вулф и Иво Јосиповиќ разговараа во Берлин. Теми беа, евроинтеграцијата на Хрватска и напредокот на Западен Балкан. Вулф најави европска иднина за сите земји од регионот.

default

Претседателите на Германија и на Хрватска, Вулф и Јосиповиќ

Балканските земји се европски држави во кои живее европски народ, изјави германскиот претседател Кристијан Вулф по вчерашната средба во Берлин со неговиот хрватски колега Иво Јосиповиќ. Европската перспектива на сите балкански народи останува отворена, рече шефот на германската држава.

„Долгорочно погледнато, мора да имаме можност да патуваме од Берлин до Атина, а притоа да не минуваме преку граници. Балканските земји мора да ги спроведат реформите во бројни области, но и ЕУ мора да се потруди да донесе нови реформи. Тие реформи би и овозможиле на ЕУ да функционира и со повеќе од 27 држави“, изјави Вулф.

Германскиот претседател ги поздрави хрватските напори во нејзиното приближување кон Унијата. Оттука Берлин ќе го поддржи Загреб брзо и темелно да ги исполни преостанатите критериуми во однос на владеењето на правото, борбата против корупцијата и регулацијата на внатрешниот пазар, пред да и пристапи на Унијата, смета Вулф.

Deutschland Kroatien Ivo Josipovic bei Angela Markel in Berlin

Јосиповиќ за време на посетата на Берлин се сретна и со германската канцеларка Ангела Меркел

„Ние пред се’ го цениме залагањето на претседателот Јосиповиќ во процесот на помирување на Балканот со соседните земји, како што е Србија. Не радуваат подобрените односи меѓу Загреб и Белград. Затоа Хрватска и на ова поле може да смета на Германија“, изјави Вулф.

Изневерени очекувањата на граѓаните

Јосиповиќ изјави дека неговата земја е свесна за проблемите со кои се соочува и затоа и е драгоцена германската помош.

„Сите релевантни политички партии во Хрватска го поддржуваат влезот во ЕУ. Сепак, во испитувањето на јавното мислење поддршката од граѓаните варира. Би рекол дека еден дел од нашите граѓани кои се противат на членството, заземале таков став разочарани од долготрајноста на процесот. Постоеше очекување кај дел од граѓаните дека влезот во ЕУ може да биде брз и безболен“, оцени Јосиповиќ.

Тој најави дека неговата земја е подготвена да ги исполни преостанатите критериуми за влез во Унијата. Вулф рече дека Германија и Хрватска имаат традиционално пријателски односи, партнери се на повеќе полиња во Европа, а имаат и заеднички ангажман во Авганистан.

Автор: Селма Филиповиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски