1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вулф останува на функцијата, опозицијата го гаѓа директно

Германскиот претседател Кристијан Вулф одговори на обвинувањата за вршење притисок врз медиумите и околу аферата со кредитот за неговата куќа. Се извини, но не мисли да даде оставка.

default

Претседателот Кристијан Вулф во интервју за АРД и ЦДФ

Сојузниот претседател Кристијан Вулф во дваесетминутно интервју за првиот и вториот канал на германската телевизија, АРД и ЦДФ, призна дека направил грешка, но нагласи дека оставка не доаѓа предвид. „Сакам по петгодишен мандат да извлечам биланс дека бев добар, успешен Сојузен претседател“, рече тој, додавајќи дека не направил ништо неправедно, но дека дел од работите што ги сторил не се во ред: „Повикот до главниот уредник на весникот Билд беше тешка грешка, за која жалам и за што се извинувам“, рече Вулф во интервјуто во кое главно беше во дефанзивна позиција.

Bundespräsident Christian Wulff Interview Kredit- und Medienaffäre 4.1.2012

Претседателот Кристијан Вулф во интервју за АРД и ЦДФ

Што се однесува до приватниот кредит за неговата куќа, Сојузниот претседател рече дека се‘ било коректно, но не сите факти околу купувањето на куќата биле изложени јавно веднаш. Кога би бил повторно во слична ситуација, Вулф, како што рече, тоа поинаку би го направил.

Интервјуто со Вулф, кој постојано се правдаше до детал, е негов втор јавен настап околу спорниот приватен кредит. Пред Божик притисокот на јавноста врз Вулф беше толкав, што Претседателот даде изјава за медиумите. Тогаш изрази жалење што не ги изнесол сите детали за приватниот кредит своевремено во покраинскиот парламент во Хановер.

Првата реакција стигна уште пред да заврши интервјуто со Вулф

„Вулф е потврда за сите предрасуди на луѓето кои и онака не ја сакаат политиката“, напиша во првата реакција на социјалната мрежа Твитер Марина Визбанд, една од раководните луѓе на се‘ уште младата Партија на пиратите.

И етаблираните партии побрзаа да ја презентираат својата интерпретација на интервјуто во медиумите.

„Апелирам до претставниците на сите демократски партии да не и‘ нанесуваат штета на највисоката функција во државата“, изјави Герда Хаселфелд, координатор на пратеничката група на Христијанско-социјалната унија во Бундестагот. Според нејзе, Сојузниот претседател дал „објаснување за сите отворени прашања и го изразил своето длабоко жалење поради погрешните проценки.“

Генералниот секретар на Христијанско-деморкатската унија Херман Грое, пак, во интервјуто на Вулф гледа „силен знак на отвореност и транспарентност“. Грое е сигурен дека „Вулф со тоа успешно ќе ја врати довербата на населението“.

24.01.2009 DW-TV Journal Interview Heil

Хубертус Хајл

Довербата на опозицијата, меѓутоа, Вулф со интервјуто не ја врати. Социјалдемократите досега релативно претпазливо го критикуваа, но сега тонот е поостар. Заменикот претседател на СПД, Хубертус Хајл, изјави: „Ова не беше ослободување од обвинувањата“.

„Има отворени прашања. Отворено е прашањето дали тој ќе одговори на барањата на функцијата Сојузен претседател.“ Хајл критикува што Вулф се обидел во интервјуто да се претстави како страна што настрадала во аферата. „Кристијан Вулф не е жртва на медиумска кампања, туку создал проблеми за кои мора самиот да одговара“, рече Хајл, но сепак не побара оставка на Сојузниот претседател. Наместо тоа, тој од канцеларката Меркел побара да даде изјава околу обвинувањата на сметка на Вулф. „Тој беше нејзин кандидат и постојат големи сомневања дали е дораснат на барањата на функцијата“, нагласи вице-претседателот на СПД.

Gesine Loetzsch

Гезине Леч

Изјава на Меркел бараат и Зелените. Остра критика на сметка на Вулф вчера дојде и од редовите на Партијата на левицата. Лидерот на партијата Гезине Леч одговорите на Вулф на прашањата на новинарите ги нарече „депримирачки“. Интервјуто, според нејзе, е „навистина недостојно за еден сојузен претседател“.

„Преку интервјуто стана јасно дека Претседателот има пореметен однос кон печатот, кон вистината и кон парите“.

Сепак, оставка на Вулф таа побара само индиректно: „Какви консеквенци сега треба да се извлечат мора да одлучи самиот Кристијан Вулф. Тоа, конечно, е прашање на карактерот.“

Демант од „Билд“

На дел од изјавите на Сојузниот претседател Кристијан Вулф во интервјуто за АРД и ЦДФ, веднаш дојде демант од весникот „Билд“. Имено, Вулф рече дека со повикот до главниот уредник на весникот „Билд“ сакал да го одложи текстот околу кредитната афера за еден ден. Заменикот главен уредник на „Билд“, Николаус Бломе, меѓутоа, вчеравечер за Дојчландфунк рече дека во весникот „на тоа се гледа поинаку“. Бломе изјави: „Тоа беше повик кој имаше јасно за цел да спречи објавување на текстот.“

Автор: Нина Веркхојзер/ Матијас Белингер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM