1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вулф - од претседателска фотелја до обвинителна клупа

Бившиот германски претседател пред суд ќе мора да се правда поради обвинувањата за користољубие, односно за стекнување противправна корист. Можни се два исхода - осуда или враќање на угледот.

Германскиот екс-претседател Кристијан Вулф не беше подготвен да ја прифати понудата на Обвинителството за плаќање парична казна за обвинувањето за злоупотреба на службената положба. Тој инсистираше на шансата да се оправда пред судот. Вчера (28.08) Покраинскиот суд во Хановер соопшти дека подига обвинение против Вулф, а судењето би требало да почне на 1. ноември.

Посета на Октоберфест со последици

Во фокусот на судењето ќе биде посетата на Октоберфест од времето кога Вулф беше премиер на покраината Долна Саксонија. Заедно со тогашната сопруга Бетина тој во 2008 година ја посетил минхенската манифестација Октоберфест, а дозволил дел од трошоците за хотел да му ги плати филмскиот режисер Давид Греневолд. Се работи за неполни 800 евра. Кратко потоа Вулф испратил службено писмо до концернот „Сименс“ во кое се залага за финансирање на филмски проект на Греневолд.

Но, Вулф нема да одговара за примање мито. Судот го редуцираше обвинението на степен - стекнување противправна корист.

Christian und Bettina Wulff und Filmunternehmer David Groenewold Archiv 2008

Кристијан и Бетина Вулф во 2008 година

Нема злоупотреба на положбата

„Елементот на кривично дело кај злоупотребата на службената положба е повисок отколку кај противправното стекнување корист“, објаснува адвокатот Саша Бетнер.

„Носителот на службена функција не мора само да имал можност за противправна корист, туку тој мора и да ја искористил за да ја повреди својата службена положба“. Судот смета дека не дошло до тоа.

„Противправно стекнување корист има веќе кога носителот на функција добива корист која не му следува“, вели Бетнер. Накратко, судот смета дека Вулф само го прифатил подарокот што не смеел да го прифати. Но, смета дека Вулф поради тој подарок не ја злоупотребил својата положба.

Кај тешките случаи на примање мито, обвинетиот може да добие до пет години затвор.

„Противправното стекнување со корист се казнува поблаго отколку прифаќањето поткуп, во кривичниот закон е предвидена парична казна до казна затвор до три години“, објаснува Бетнер. Предноста е и во тоа што користа за која се товари Вулф е помала од 800 евра, што спаѓа во пониска категорија, во случај на пресуда, би добил парична казна.

Случајот Вулф

Во политичката кариера на Вулф посетата на Октоберфест не беше единствениот камен на сопнување. Досега најмладиот претседател на Германија даде оставка поради истрагата и обвинувањата за корупција. Во текот на својот политички мандат, Вулф во повеќе наврати со својата сопруга летуваше во вилите на претприемачи, бизнисмени - негови пријатели. За купување на куќата во 2008 година подигнал приватен кредит од половина милион евра, што го добил од сопругата на бизнисменот Егон Геркенс. При распитот во покраинскиот парламент тој меѓутоа негираше било каква врска со Геркенс, но кредитот добиен од сопругата на Геркенс не го спомена.

Кога весникот „Билд“ сакал да објави прилог за неговите приватни кредити, Вулф телефонски го повикал главниот уредник и му оставил налутена порака на телефонската секретарка. Наскоро потоа следеше оставката.

Проблематична наивност

„Оставката беше нужна, зашто беше загрозена функцијата“, вели Волфганг Зајбел, професор за внатрешна политика на универзитетот во Констанц во разговор за Дојче веле. Имено, Вулф по долгата истражна постапка со неколку адвокати и илјадници службени документи, пред суд ќе се појави само поради едно обвинение.

„Она што беше посебно во однесувањето на Вулф, не се самите настани, туку неверојатната наивност со која тој им приоѓаше“. Зајбел тоа однесување го смета за пресудно за крајот на политичката кариера на Кристијан Вулф. Но, одбивањето да плати парична казна и инсистирањето на судење, беа добар потег, смета Зајбел: „Тоа е последната шанса на Вулф конечно да се рехабилитира“.