1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вулф е притиснат, најави ново изјаснување

Германскиот претседател Кристијан Вулф нема намера да поднесе оставка на функцијата поради скандалот со заканите врз новинари. Тој за вечерва најави лично изјаснување околу обвинувањата дека вршел притисок врз медиумите.

default

Претседателот Кристијан Вулф

Поранешниот претседател на опозиционата СПД, Ханс-Јохен Фогел, му препорачува на Вулф да даде изјава околу обвинувањата што побрзо. „Ако сака облаците да исчезнат, господин Вулф мора уште еднаш брзо и овојпат опширно да се изјасни“, вели Фогел за весникот „Велт“.

Шефицата на опозиционите Зелени, Клаудија Рот, бара од канцеларката Ангела Меркел да заземе став околу целата афера. Рот не побара директно оставка на Вулф и рече дека Вулф мора самиот да знае дали се‘ уште има авторитет да настапува како „консензус фигура“.

Од редовите на либералите, помалиот коалиционен партнер во владата на Меркел, се изјаси Волфганг Кубицки. Тој од Вулф бара брзо да се изјасни околу обвинувањата: „Господин Вулф веќе нема многу време за изјава околу новите обвинувања. Не зборуваме за недели, туку за неколку дена што му се останати“, рече Кубицки.

Политичарката на Христијанско-демократската унија Вера Ленгсфелд јасно побара оставка на Вулф и го предложи Јоахим Гаук за негов наследник. За „Ханделсблат онлајн“ Ленгсфелд рече: „Нашиот Сојузен претседател стана виц-фигура“. Според Ленсгфлед, со секој нов час во кој Вулф се држи до функцијата на која и‘ нанесол „речиси непоправлива штета“, тој „и‘ нанесува штета на демократската култура“.

Зошто молчи опозицијата?

Deutschland Bundespräsident Christian Wulff und Bettina Wulff Fototermin

Претседателот Вулф со сопругата пред претседателската палата во Берлин

Политички Берлин наголемо дискутира околу тоа - колку Вулф ќе се задржи на функцијата. Но, одлуката може да ја донесе само тој. Само ако Претседателот го прекрши уставот или некој од сојузните закони, Бундестагот или Бундесратот, имаат можност да поднесат тужба против него пред Уставниот суд. Според аналитичарите, дури и опозицијата не „гризе доволно“ против Вулф, но не само од респект пред највисоката државна функција, туку и поради тоа што на крајот на декември, во многу анкети, само мал број граѓани се изјаснија за осатвка на Вулф. Во такви услови, опозицијата не сака да излезе „убиец на кралот“.

За воздржаноста на опозиционерите, меѓутоа, има и други силни причини. Ако сега треба повторно да се избира Сојузен претседател, канцеларката Меркел и партиите на коалицијата - ЦДУ, ЦСУ и ФДП - имаат најдобри шанси повторно да „протнат“ свој кандидат. Нивното мнозинство во таканареченото Сојузно собрание, кое го избира Претседателот, по последните покраински избори се намали, но се‘ уште го имаат. Сојузното собрание се состои од пратеници од Бундестагот и исто толкав број членови кои се назначени од страна на 16-те покраински парламенти. Нарендите покраински избори се во Шлезвиг Холшатјн, во мај, и ако се суди според сегашните анкети, коалицијата во Берлин, тогаш би го загубила мнозинството во Сојузното собрание. Значи, оставка на Вулф сега, за опозиционите партии би дошла прерано.

Притисок врз медиумите

Сојузниот претседател се наоѓа под засилен притисок на јавноста поради неговиот однос кон медиумите во аферата со приватниот кредит за изградба на неговата куќа. Весникот „Билд“ потврди дека сојузниот германски претседател Кристијан Вулф се обидел во декември минатата година лично да го спречи првото објавување на истражувањата околу финансирањето на неговата приватна куќа. Тој кај главниот уредник на весникот, Кај Дикман, се заканувал со казнено-правни консеквенци за авторот на текстот. Вулф неуспешно интервенирал и кај Матијас Дефнер, прв човек на издавачката куќа „Аксел Шпрингер“, која го издава булеварскиот весник „Билд“, потврдија од таму.

Според информации на Првата програма на германската телевизија (АРД) претседателот Вулф сака да остане на функцијата.

Автор: Петер Штицле /дапд/ард/Елизабета Милошевска Фиданоска/ЖА

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Поврзана содржина