1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вулф ги отфрли сите обвиненија против него

Поранешниот германски претседател Кристијан Вулф, кој е обвинет за злоупотреба на службената должност, на првиот ден од судењето со индигнација ги отфрли сите обвиненија на негова сметка.

Експретседателот Вулф на првиот ден од процесот, на кој е обвинет за злоупотреба на службената положба во периодот додека беше премиер на покраината Долна Саксонија, излезе со енергична одбрана, изјавувајќи дека обвинувањата го чинеле неговата кариера и ќе го следат до крајот на животот.

Вулф е единствениот германски претседател во историјата кој бил обвинет пред германскиот суд. Тој со индигнација ги отфрли обвиненијата и побара правда за него и за неговото семејство.

Во изјава дадена пред почетокот на процесот во судот во Хановер, Вулф изјави дека се надева оти по судењето ќе може да се врати во јавниот живот во земјата, најавувајќи дека сака да им се посвети на јавните задачи.

Обвинувањата со кои се соочува Вулф на многумина им изгледаат бенигни, но германските коментатори сметаат дека неговиот случај е доказ дека ниту еден избран функционер не е над законот. Јавноста е сепак поделена во однос на случајот. Голем е бројот и на оние кои сметаат дека Вулф е жртва на хајка во медиумите.

Wulff-Prozess am 14.11.2013

Судницата во Хановер

Вулф, некогашната ѕвезда на германската конзервативна партија ЦДУ, е обвинет дека му дозволил на познат филмски продуцент Дејвид Греневолд да му го плати неговиот престој во Минхен во 2008 година. Сметката изнесувала околу 750 евра. Во замена за оваа услуга, Вулф наводно потоа му обезбедил на Греневолд спонзорство од фирмата Сименс.

Доколку се докажат обвиненијата на Вулф му се заканува парична казна, или затворска казна до три години. Предвидено е судењето да трае до април 2014. година и на него да бидат повикани 46 сведоци. Обвинителството му понуди на експретседателот казна од 20 илјади евра во замена за признание на вината, но тој ја одби таквата понуда.