1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Втор смртен случај од свински грип во САД

Свинскиот грип во САД однесе уште еден живот. Светската здравствена организација објави дека од болеста досега се заразени преку 1.400 лица.

default

Со заштитни маски на улиците во Мексико

Една 33 годишна учителка од Тексас им подлегнала на последиците од болеста, соопштија здравствените власти во оваа американска сојузна држава. Жената страдала од хронични здравствени проблеми и живеела во близина на границата со Мексико. Во првиот смртен случај од свински грип во САД стануваше збор за мало дете кое потекнува од Мексико, но почина во болница во Тексас.

Според последните податоци од Светската здравствена организација во меѓувреме потврдени случаи на свински грип има во 21 земја во светот. Вкупно 1.419 лица во светот заболеле од мексиканскиот грип, од кои 30 починале, соопшти вчера СЗО. „Ние продолжуваме да го следиме зголемувањето на бројот на заразени од повеќе држави“, појаснија светските здравствени власти, без притоа да посочат од кои земји се новозаразените луѓе.

Во Германија во меѓувреме е потврден и деветиот случај на лице заразено од вирусот „Х1Н1“. Станува збор за 48-годишен маж од местотот Харцкрајс во покраината Саксонија Анхалт, кој се вратил од патување во Мексико, соопшти Институтот „Роберт Кох“. Пациентот има лесни симптоми на болеста, така што воопшто не морал да оди во болница, туку бил ставен во домашен карантин. Покрај тоа во моментов се испитуваат нови шест сомнителни случаи на свински грип.

Автор: СН/АТ/дв/дпа

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM