1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Втор пораз за Бајерн во Бундеслигата

Серијата на Бајерн Минхен од 13 меча без пораз заврши во Хановер. Шалке однесе победа во дербито во Леверкузен, шампионот Борусија (Д) го искали бесот врз Келн.

default

Фудбалерите на Хановер ја прославуваат победата над Бајерн

Втор пораз за Бајерн Минхен во 10-то коло на Бундеслигата. Лидерот на табелата загуби на гостувањето кај Хановер со 2:1. Клучен момент на мечот беше исклучувањето на Боатенг, по што Бајерн мораше да игра со играч помалку уште од 30-та минута.
„Доколку го анализирате мечот ќе видите дека ние ги имавме подобрите шанси низ целите 90 минути, иако 60 минути игравме со играч помалку. Имавме одлични шанси, ја погодувавме и пречката и стативата. На крајот загубивме“, изјави капитенот на Бајерн, Филип Лам.

На второто место на табелата се искачи актуелниот првак Борусија Дортмунд кој го декласираше Келн пред домашните навивачи со 5:0 и ја забележа четвртата победа во низа.

„Мислам дека сезонава ние тешко ќе станеме прваци. Главен фаворит е Бајерн. Но ние сакаме да играме како лани, во шампионската сезона. Денеска покажавме дека знаеме да играме фудбал, и мислам дека и нашите навивачи можат да бидат задоволни“, изјави бекот на Борусија, Марсел Шмелцер.

Шалке подобар во дербито

Шалке однесе победа од 1:0 на гостувањето кај Леверкузен во дербито на колото и се искачи на третата позиција на табелата.

Fußball Bundesliga Leverkusen Schalke

Момент од дуелот Леверкузен-Шалке

„Одигравме храбро и борбено. Конечно, победите од 1:0, кои се секогаш тесни, по правило се и најслатки и најмногу се слават“, изјави капитенот на Шалке, Бенедикт Ховедес.

На петтото место на табелата, по нерешените 2:2 на гостувањето кај Нирнберг, е Штутгарт. Гостите профитираа од сомнителен пенал за кој играчите на Нирнберг имаа многу забелешки.

„Лути сме поради начинот на кој се одвиваше мечот и примените голови. Пеналот за Штутгарт, на пример, такво нешто вообичаено не се суди. Но што можеме сега? На крајот дадовме се од себе, но мораме да се задоволиме со еден бод, иако ја заслуживме победата“, изјави Филип Волшајд од Нирнберг.

Борусија Менхенгладбах падна од второто на седмото место на табелата по трите меча без победа по ред. Овојпат Борусија загуби на гостувањето кај Хофенхајм со 1:0.

„Знаевме дека тие имаат многу добар тим, со добра одбрана, и дека нема да биде лесно. И така и беше. Мислам дека ја заслуживме победата“, изјави напаѓачот на Хофенхајм Ведад Ибишевиќ.

Хамбургер со нов тренер до бод

Fußball Bundesliga Dortmund Köln

Борусија Дортмунд убедлива против Келн

На дното на табелата, Хамбургер со новиот тренер Торстен Финк стигна до бод пред домашните навивачи против Волфсбург. Конечните 1:1 не беа доволни за капитенот на Хамбургер, Хајко Вестерман.

„Доколку се имаат предвид 90-те минути, секако дека сме разочарани. Требаше да победиме со 3 или 4:1. Но како ретко сезонава создадовме голем број шанси и игравме добро. Тоа треба да ни даде надеж за иднината“, рече Вестерман.

Кајзерслаутерн го совлада Фрајбург со 1:0, кој пак со поразот го презеде „фенерот“ на табелата. Херта и Мајнц во Берлин одиграа без голови, а во петокот, Аугсбург и Вердер ги поделија бодовите играјќи 1:1.

Автор: Арнулф Бечер/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска