1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Втор обид на Ердоган за промена на уставот

Конзервативно-религиозната турска влада на премиерот Ердоган прави нови обиди за промена на уставот. Но, во парламентот нема мнозинство за промени.

default

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се залага за реформи во уставот

Владата на Ердоган уште пред две години се обиде да изработи нов цивилен устав, но не беше усвоен поради големиот отпор од страна на кемалистичката опозиција во земјата. Сега, вториот обид треба да биде успешен. Со новиот предлог, кој е претставен во парламентот, треба да бидат изменети 23 члена од уставот кој бил востановен уште од генералите одговорни за пучот.

Шефот на владата Ердоган вели: „Почитувани пратеници, овој пакет содржи измени, кои го отвараат патот за една силна Турција, која води преговори за влез во ЕУ и сака уште повеќе да се интегрира во модерниот свет. Секој обид да се одложат овие измени на неопределено време, би бил само губење време за просперитетот на земјата.“

Повеќе демократија со новиот устав

Türkische Opposition schöpft Hoffnung

Дениз Бајкал, лидерот на Републиканската народна партија (ЏХП)

Во центарот на новиот устав се наоѓа подобрувањето на демократските елементи. Така на пример, значајно ќе се отежне забранувањето на некоја партија, кое ќе биде можно само со гласање во парламентот. Имено, во последните 25 години од изминатиот век повеќе од 20 политички партии беа забранети по наредба на Врховниот суд. Притоа особено беа погодени курдските формации, последен таков случај беше со Партијата за демократско општество (ДТП), минатиот декември. Исто така ќе биде ограничена забраната за политичко дејствување за поединечни личности, ќе се зголеми заштитата на податоците и ќе се намали влијанието на, како и секогаш, силната армија.

Според една репрезентативна анкета речиси три четвртини од сите Турци се за промени на уставот, но лидерот на кемалистичката опозиција Дениз Бајкал за претставениот предлог-устав смета дека не е ништо повеќе од политички производ на муслиманско-конзервативната влада: „Владејачката партија си вели: Ќе ја искористиме промената на уставот како шанса, со помош на државни средства да ја реструктурираме државата, односно републиката, според нашите принципи. Почитувани пратеници: Тоа не е можно туку така! Една партија не може и не смее сама да го прави тоа.“

Опозицијата е против реформата на уставот

Türkisches Parlament in Ankara

Кавгата за уставот од парламентот може да се прошири и на улиците

И покрај овие остри критики, опозицијата сепак категорично ја одби поканата за соработка на шефот на владата Ердоган. Ни кемалистите, ниту ултранационалистите досега немаат понудено против-предлог. Во меѓувреме, повеќе од 200 интелектуалци, уметници и новинари со отворено писмо бараат консензус од сите партии. Нивната цел пред се‘ е промена на досега важечката препрека од 10-проценти на изборите. Но, ова барање засега не е добро прифатено, вели социологот Бурхан Сенаталар од Универзитетот Билги во Истанбул: „Од пакетот, опозицијата се согласува само со укинувањето на членот 15 од уставот. Тоа значи дека за пакетот ќе се гласа на референдум. А тоа ќе биде возбудливо.“

Со укинувањето на членот 15 ќе се овозможи да се извадат пред суд генералите од пучот во 1980 година. Но, се‘ додека ова е единствениот чекор кој води кон консензус, реформата на уставот може да биде неуспешна. Имено, се‘ додека опозицијата се спротивставува, на владата и недостасува дво-третинско мнозинство. Затоа станува се‘ поверојатно дека Ердоган и неговите муслиманско-конзервативни приврзаници за промена на уставот ќе распишат референдум. За тој чекор ќе биде доволно владиното мнозинство. Во тој случај постои опасност кавгата од парламентот да се префрли на улиците.

Автор: Улрих Пик/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска