1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вториот пакет за спас - последна шанса за Грција

Во Грција денеска (28.02.2012) нема реакции од политиката по синоќешното усвојување на пакетот со финансиска помош од страна на германскиот Бундестаг. Но, тоа е регистрирано во водечките грчки медиуми.

Најтиражниот дневен весник „Та неа“ информира дека вториот пакет за спас помина со подршка од опозицијата, а дека се шири бројот на евроскептичните пратеници во владината коалиција. Тие сега добија сојузник и во редовите на самата влада на Ангела Мерекел, пишува весникот имајќи го предвид ставот на министерот за внатрешни работи Фридрих дека Грција би требало да се мотивира да ја напушти еврозоната.

„Етнос“, весник од Атина, акцент става врз критиките од германската опозиција дека во новиот пакет мерки за штедење, што мора да ги спроведе Грција, недостасува перспектива за грчкото стопанство да се врати на патека на пораст.

Сомнеж во успехот на реформите

Исходот на гласањето во Бундестагот е порака и за земји како Австрија и Холандија, во кои исто така парламентите ќе решаваат за вториот пакет финансиска помош на Грција, оцени Панајотис Јоакимидис, професор по европски студии на универзитетот во Атина, во разговор за телевизијата СКАИ.

Griechische Zeitungen mit Hiobsbotschaften

„Германската елита сака да ја спаси Грција и да ја задржи во еврозоната, но во меѓувреме размислува и за негативни сценарија - можноста Грција да не успее, со што би прогласила банкрот и излегување од еврозоната“, изјави професорот Јоакимидис. Според него, вториот пакет помош за спас е последна шанса за неговата земја, која сега мора да напредува со структурните реформи и да докаже дека заслужува членство во еврозоната.

„Германските пратеници се сомневаат дали Грција навистина ќе напредува во одамна неопходните структурни реформи“, извести телевизијата Антена. Тие сепак гласале за помошта поради стравот дека банкрот на Грција би можел да ја вовлече во неволји и најсилната земја на Европа - и тоа токму во време кога германското стопанство „пука“ од сила, и покрај кризата.

Грчките коментатори се посебно трогнати од говорот на Хајке Хензел, пратеничка на Левицата, која во дебатата во Бундестагот рече „Сите ние сме Грци“ - и тоа на грчки јазик, наспроти поранешниот министер за стопанство Бридерле, кој побара одмереност од Грците.

Автор:Јанис Пападимитриу/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски