1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Втората сондирачка средба донесе напредок

Герхард Шредер и Ангела Меркел изјавија дека е можна заедничка содржинска основа за стабилен владин сојуз

Меркел и Штојбер по средбата со СПД

Меркел и Штојбер по средбата со СПД

Први пред претставниците на печатот по тричасовната средба на преговарачките делегации на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ и на СПД се појавија Шредер и претседателот на СПД Франц Минтеферинг. „Разговорот денеска беше плоден, ова беше добро сондирање“ – оцени Минтеферинг. „Сметам дека може да успее, и ќе успее да се создаде стабилна констелација, која 4 години ќе ја одржува Германија на нејзиниот курс на реформи и ќе го продолжи тој реформски курс“ – искажа уверување Герхард Шредер.

На прашањето со кого на чело, никој не сака да зборува. Наводно Шредер повторно полагал право да ја предводи коалицијата, но официјално тој го негира тоа: „Во една фаза во која уште не се знае дали воопшто ќе дојде до преговори, е политички погрешно да се поставуваат политички ултиматуми. Очекување кое мора да биде изневерено за оние кои го очекуваа тоа, е дека СПД ќе го постави тоа прашање“.

10 минути подоцна и Ангела Меркел и Едмунд Штојбер искажаа задоволство и во одредена мера увереност. Меркел зборуваше за сериозен и конструктивен разговор за содржини од областа на пазарот на работна сила, финансиската политика и буџетот. „Ако треба да дојде до голема коалиција, тогаш мора таквата коалиција да се зафати и со големи значајни проекти кои ќе бидат од полза за луѓето во нашата земја, а тоа значи дека треба да се усогласат економскиот разум со прашањата на социјалната праведност“ – рече Меркел.

Социјална праведност – тоа радо се слуша во СПД. Значи, обострано излегување во пресрет што се однесува до содржините. Кај најголемиот број теми може да се најде најмал заеднички именител, смета Едмунд Штојбер, но под една претпоставка: „Ако СПД ги прифати непишаните правила на демократијата дека најсилната фракција го дава канцеларот, тогаш сум многу уверен дека ние ќе можеме да се договориме и за важните суштински прашања“. Најпроблематично е, значи, прашањето кој ќе биде канцелар. „Јасно е дека меѓу нас и натаму стои аспирацијата на Унијата врз канцеларската функција“ – дополни Меркел.

Дури и во редовите на СПД се’ почесто се вели дека голема коалиција е замислива и без Шредер како канцелар. Во моментов се вртат многу трети имиња, доколку отпаднат Шредер и Меркел.

Наредните сондирачки разговори се планирани за идната недела и дури тогаш ќе се тргне кон решение дали и кога ќе се прејде на сериозни коалициони преговори.

Јудит Хартл