1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Врховниот суд го одби Ивановски

Врховниот суд денеска ја одби жалбата на уставниот судија Трендафил Ивановски кој беше означен како соработник на тајните служби во поранешна Југославија. Ивановски вели дека сега правдата ќе ја бара во Стразбур

default

Судијата Ивановски тврди дека е жртва на прогон

Врховниот суд денеска ја одби жалбата на уставниот судија Трендафил Ивановски кој е првиот функционер во Македонија за кого комисијата за лустрација донесе одлука дека бил соработник на тајните служби. Жалбата на Ивановски според Врховниот суд била неоснована изјави за Дојче Веле претседателот на Врховниод суд Јово Вангеловски: „Тоа значи дека Врховниот суд смета дека жалителот не успеал да докаже дека го исполнува дополнителниот услов за вршење на јавна функција и констатира дека Управниот суд правилно постапил, кога тужбеното барање на тужителот го одбил како неосновано".

Ивановски денеска уште еднаш јавно негира дека бил кодош на тајната полиција. Целиот случај според него бил монтиран и наместен од одредени структури. Станувало збор за политички линч, со фабрикувани материјали, каде што злоупотребениот повод од 60-тите години од минатиот век, сега се користел како објективна причина за пресметка и реваншизам за улогата што ја имал и вршел како претседател на Уставниот суд. Целата верификација и пресуда според него била извршена врз основа на фалсификувани факти, и невистини наведени во неговото досие кои пред јавноста намерно не се приложувале: „Такви лаги и невистини кога пред суд барате да се докажат со адвокат, со јавност, меѓутоа под велот на тајноста најчесто се крие она што сакаат јавноста да не го чуе. Имено ќе се каже дека документите се строго доверливи, цело време се правеше еден сарказам, една фарса под името на тајноста за да не излезат некои работи пред јавноста. Па ве молам, за кого е тајноста", изјави Ивановски.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Oberster Gerichtshof Eingang

Врховниот суд беше последната инстанца во Македонија за предметот на Ивановски

За Врховниот суд не држи тврдењето на Ивановски дека како повод била употребена неговата активност во периодот когаа тој бил малолетен: „Таквиот аргумент не е прифатен бидејќи најмалку заради тоа е водена оваа постапка со оглед на тоа дека жалителот бил регистриран во време кога бил полнолетен и се работи за активности кога веќе бил полнолетен", смета Вангеловски.

Ивановски не се повлекува од Уставниот суд

Инаку по ваквиот развој судијата Ивановски изјави дека нема намера да се повлече од функцијата. Ако бил разрешен тоа според него него би било противуставно: „Тој што се намерачил ако оди понатаму да го спроведува својот линч, дали тоа е формално или неформално може да се обрати до собрание каде им стојат на располагање некои механизми кои ќе значат кршење на член 11 од Уставот, но тоа е работа на друг субјект во која јас не сакам да навлегувам", вели Ивановски.

Трендафил Ивановски сега правдата ќе ја бара пред меѓународните институции.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Борис Георгиевски