1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Време на Велигденските маршеви во Германија

И покрај неповолните временски услови, во Германија и годинава за време на велигденските празници се одржуваат традиционалните Велигденски маршеви, со кои се протестира против војните, насилството и нуклеарните закани.

Велигденските машеви започнаа вчера на Велики петок (29.03.). На протестите во германските градови во сојузните покраини Хесен и Северна-Рајна Вестфалија, според податоците на организаторот, учествувале повеќе илјади луѓе, кои покрај останатото, барале повлекување на германските војници од Авганистан и другите региони, каде што се стационирани припадниците на Бундесверот, како и запирање на натамошниот извоз на германско оружје. Во градот Ерфурт протестите се одржани под мотото „На иднината и‘ е потребен мир - доста со воена политика“. Традиционалните Велигденски маршеви во градот Брухкебел, во Хесен, започнаа со мировната порака „Никогаш повеќе војна - никогаш повеќе фашизам“. Во Битермарк, во јужниот дел на Дортмунд на антифашистичките протести учетвуваа околу 1.000 луѓе.Тука во блиската шума, за време на Велигден во 1945 година, во периодот од 7. март до 12. април гестаповците убиле околу 300 луѓе.

Велигденските маршеви потекнуваат од 60-тите години

Во текот на велигденскиот викенд се планирани вкупно 80 вакви мировни манифестации. Протести меѓу другото се најавени и во градовите како Рамштајн или Бихел, каде се сместени касарните на американската војска и други воени институции, потоа во Росток, Олденбург, Аугсбург и во Берлин. Директорот на мрежата Мировна кооператива, Манфред Штенер, го критикуваше во петокот (29.03.) неуспешниот обид во ОН во Њујорк да се усвои договорот за меѓународна контрола на трговијата со оружје. Како што рече Штенер во Бон, дури и самиот предлог за тој договор „бил апсолутно недоволен“. Велигденските маршеви во Германија потекнуваат уште од 60-тите години од минатиот век, за време на „Студената војна“. Тогаш пацифистите протестирале против стационирањето на нуклеарните ракети . Во 1968 и 1983 година во Западна Германија на такви манифестации учествувале повеќе стотици илјади луѓе. Според мислењето на германскиот политиколог од Марбург, Јоханес М. Бекер, луѓето учествуваат на Велигденските маршеви за да смират дел и од својата совест. Но, Бекер кажува дека мировните иницијативи, за жал, не наоѓаат на одзив во германскиот парламент. Левицата е таму едниствена застапена партија која го дава својот глас против секој облик на воено делување- но мнозинството не може да се идентификува со неа. Поради тоа, како што кажува германскиот политиколог, „Велигденските маршеви и понатаму свои поддржувачи наоѓаат меѓу обичните луѓе“.