1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Време е за изнаоѓање генерално решение за проблемите на Западниот Балкан

Последниве денови повеќемина германски политичари побараа донесување нов концепт за решение на косовскиот проблем или генерално за целиот таканаречен Западен Балкан. Ерлер: “Ако Македонија биде член на ЕУ, автоматски опаѓа интересот за активно учество во збиднувањата на Косово”

Потпретседателот на фракцијата на социјалдемократите и фракциски претставник за надворешна политика Гернот Ерлер во денешното издание на “Берлинер Цајтунг” бара целосен концепт за решение на етничките и територијални проблеми на регионот. Во написот се вели:

“Идниот статус на Косово, Босна и Херцеговина, како и на Србија и Црна Гора би морал дефинитивно да биде решени до крајот на идната година. ’Зрело е времето за поврзување на трите теми‘, рече Ерлер. ’Веќе нема смисла работите да се третираат поединечно. Ние се наоѓаме под голем временски притисок‘.

По пет години ангажман на меѓународната заедница на Косово и речиси една деценија меѓународен протекторат во Босна и Херцеговина, се покажа дека стравот од дефинитивно меѓународноправно определување дејствува парализирачки во поедини региони. Според гледањето на Ерлер, сите меѓусебни влијанија мора заеднички да се дискутираат и да се разјаснат.

Доколку на пример Црна Гора дефинитивно ја напушти државната заедница со Србија, и Албанцитеби барале независност на Косово. Во таков случај Србија можеби би барала контрола врз Република Српска, федеративен дел на Босна, денес со мнозинско српско население. За барањата би можело на пример да се разговара на некоја голема меѓународна конференција за Балканот, рече Ерлер: ’Но, за тоа не би сакал да се определам‘. Досега декларирана политика на меѓународната заедница е проблемот на Косово и ситуацијата во Босна да се набљудуваат одвоено.

Ерлер сега вели дека напротив, ЕУ се‘ уште има можност да врши големо влијание преку опцијата за членство за соседните земји. Ако на пример Македонија биде член на ЕУ, автоматски опаѓа интересот за активно учество во настаните на Косово, рече Ерлер.

Социјалдемократскиот политичар со неговиот истап реагира покрај другото и на критиката од организацијата за човекови права ’Хјумен Рајтс Воч‘ за работата на ОН и НАТО на Косово. Во извештајот на организацијата им се префрла и на германските војници на Косово дека потфрлиле за време на безредијата кон средината на март...

Опозицијата исто така бара нопва ориентација на политиката спрема Косово. ’Мораме да си го поставиме прашањето дали концептот стандарди пред статус е вистинскиот‘, рече за ’Берлинер Цајтунг‘ претставникот за одбранбена политика на фракцијата на партиите на Унијата Кристијан Шмит...Слободните демократи побараа од Бундестагот истрага за мартовските настани на Косово” – се вели во денешното издание на “Берлинер Цајтунг”.

Во разговор за ДПА (Германска новинска агенција), пратеникот од редовите на либералите Рајнер Штинер побара нова безбедносна стратегија. Војниците на Косово имале јасни упатства за дејствување од стана на НАТО за конфликтни случаи. “Кога тоа ќе се прочита, не може да се разбере зошто дојде до безредија во март”, вели Штинер и бара итна анализа на проблемите на мировните трупи Кфор предводени од НАТО, полицијата на ОН и косовската полиција, од страна на Комисиите на Бундестагот за надворешна и одбранбена политика. Пред во септември да биде донесено решение за продолжување на мандатот, Бундестагот мора да има јасност и во однос на подробностите. Содејството на меѓународните и домашните сили на Косово досега е безуспешно, вели Штинер и образложува дека кај Кфор досега владеело мислење оти заканата доаѓа од Србите против косовските Албанци, но се случило спротивното.