1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Време е за директни средби

Словенечкиот претседател Данило Тирк воочи Самитот ЕУ-Балкан смета дека за решавање на спорот за името е потребно интензивирање на директните контакти. Навраќањето на историјата нема да помогне, истакна Тирк.

default

Претседателот на Словенија Данило Тирк

Време е за директни средби на претседателско ниво, сега откако Грција го потврди уште еднаш мандатот на Каролос Папуљас на чело на државата, треба да се оствари средба со македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов, изјави вчера попладне шефот на словенечката држава, Данилo Тирк, во Љубљана на средба со дописниците на западно-балканските медиуми од Брисел. За Тирк е неопходно, во претстојниот период да се интензивираат директните контакти на сите највисоки нивоа.

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе рече нешто многу важно, а тоа е дека кога има едно посредништво, нема потреба за дополнителни посредништва од кого било. Но, она што е многу важно е искрена билатерална комуникација. Фактот што досегашните средби на премиерите не донесоа многу резултати не значи дека треба да бидат обесхрабрени, а треба да се сретнат и претседателите. Фактот што Грција повторно го избра Папуљас дава дополнителен мотив за комуникацијата помеѓу државите, колку што знам претседателот Иванов и претседателот Папуљас немаа прилика да се сретнат досега, но би било добро тоа да го сторат. Комуникацијата треба да се одвива на највисоко ниво, премиерско и претсадателско, и би сакал итно да ги повикам да ја продолжат оваа билатерална комуникација. За решавање на спорот е потребен меѓународен напор, а тоа го има од страна на Нимиц, но потребен е и билатерален процес, а тој треба допрва да биде зајакнат.

Историјата не помага за решавање на современите прашања

Тирк предупреди уште еднаш дека не треба да се отвораат разговори за идентитетските прашања и историјата во спорот за името. Треба да бидеме многу внимателни кога се занимаваме со историја. Историјата не помага за решавање на современите прашања. Јас во Скопје пренесов порака да се биде внимателен. Да се внимава со историските референци, бидејќи тие не помагаат. Македонија има свој идентитет како земја, а народот има свој идентитет исто така, но навраќањето во античката историја нема да помогне. Го кажав и тогаш, го велам сега и пак ќе го кажам, ова не е типично македонски проблем, туку е научена лекција во многу места ширум светот, дека навраќањето на античката историја никогаш не помогнало за решевање на современите проблеми, изјави Данило Тирк.

Самитот ЕУ-Балкан - ново поглавје

Словенија се подготвува за првиот Европско-балкански самит, што го организира заедно со Хрватска. Претседателот Тирк изјави дека овој самит треба да го означи стартот на времето кога земјите од регионот ќе

Parlamentswahl Slowenien

Премиерот на Словенија Борут Пахор

започнат да разговараат директно за проблемите и да демонстрираат повисоко ниво на политичка зрелост, и се надева дека ваквите самити ќе станат пракса во регионот, бидејќи за резултатите е потребен континуитет.

Но, на словенечко-хрватската иницијатива веќе и се заканува неуспех поради српско-косовскиот спор. Имено, Борис Тадиќ одбива да учествува на самит на кој Косово ќе биде присутно како суверена држава. Неговото отсуство би можело да го наведе и европскиот претседател, Херман Ван Ромпој да го откаже и своето отсуство. Словенечкиот премиер, Борут Пахор во рок од неколку часа вчера отпатува и во Белград и во Брисел да ги убеди партнерите да ја прифатат поканата и да дојдат на самитот.

Македонскиот премиер Никола Груевски пристигнува вечерва со својата делегација. Грција не е дел од овој самит, поканети се само земјите кандидати за членство и претседателството на ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM