1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Време е за Берлинале

Со вестернот „Тру Грит“ во четвртокот вечер свечено беше отворено 61. Берлинале. До 20. февруари ќе бидат прикажани речиси 400 филмски продукции од 58 земји, меѓу нив и од Македонија.

default

Со вестернот „Тру Грит“ синоќа свечено беше отворено 61. Берлинале. Околу 1600 гледачи во Филмската палата на Берлиналето го поздравија филмот со бурен аплауз. Присутни беа и режисерите на филмот, браќата Џоел и Итан Коен и главните актери во филмот. Станува збор за римејк на приказната, која пред повеќе децении му го донесе Оскарот на легендарниот Џон Вејн. Вкупно 22 филма во главната конкуренција се продукции од 19 земји. Има многу дебитанти, меѓу кои режиски се опробува и актерот Ралф Фајнс со филмот „Кориолан”.

Свечената церемонија на отворање на меѓунродниот филмски фестивал беше засенета од отсуството на членот на фестивалското жири, Џафар Панахи. Критички настроениот режисер од Иран во декември минатата година беше осуден на затворска казна од 6 години во Техеран, а му беше изречена и 20 годишна забрана за извршување на професијата. Претседателката на жирито, Изабела Роселини воведното обраќање со кое го отвори фестивалот му го посвети токму на Панахи.

До 20. февруари на Берлиналето, кое е еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, ќе бидат прикажани речиси 400 филмски продукции од 58 земји. Меѓу нив е и филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски. Годинава Македонија има и два актера: Рефет Абази (игра во „Крвта што простува“) и Наташа Петровиќ, која е една од десетте „шутинг-старс“. Ново-стариот имиџ на Берлиналето се препознава уште во главната програма, каде „големите” режисерски имиња не се борат за одличја и се претставуваат со филмови кои се надвор од конкуренција.

Filmstill 61. Berlinale 2011 Flash-Galerie

Браќата Коен со вестерн-римејкот се вратија во Берлин

Копродукции во сите фестивалски секции

Интересна е и американско-албанско-данско-холандската копродукција „Крвта што простува” на Џошуа Марстон, во која игра македонскиот актер Рефет Абази. Внимание привлекува и руско-германско-украинската копродукција „Невина сабота” на Александар Миндаѕе, кој по 25 години се осврнува на Чернобил. И тоа на обидите на партиското раководство да ги минимализира размерите на трагедијата. На барање на Шведска, Горбачов проговорил дури 21 ден по експозијата. Тоа е приказна за Валериј Кабуш, млад и лојален партиски функционер и неговите обиди да го напушти радиоактивниот град.

„Гледаме што се случувало во текот на 21 ден. Покажани се луѓето кои и по експозијата таму го живеат секојдневието, што секако е апсурдно и брутално ако се знае дека останувајќи таму се озрачуваат. Гледаме слики кои веќе ги знаеме, но сега во еден игран филм”, вели директорот на Фестивалот Дитер Кослик.

Политички визир на светот

И покрај свртувањето кон корените и индивидуалните толкувања на универзалното, Берлиналето и натаму го задржува карактерот на политички рецензент на актуелните случувања. Пример е не само циклусот филмови на иранскиот режисер Џафар Панахи, туку и бројни остварувања меѓу кои и германскиот документарец „Ходорковски” на Цирил Туши.

„Ходорковски е берлински филм кој многу одблиску го отсликува човекот кој е во средиштето и неговото семејство. Меѓутоа, ова е западно видување на еден да го наречеам, Робин Худ. Тоа е слоевит приказ за Кодорковски и Русија, за елементите на моќта,”´подвлекува и Томас Хајлер програмски менаџер на Берлиналето. Во Панорамата е и филмот „Мајки” на Милчо Манчевски, кој по премиерата на 16 февруари, ќе има уште четири проекции.

Македонски претставници

Szene aus dem Film Mothers Majki von Milcho Manchevski

Сцена од филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски

„Црвена нишка во трите приказни е мајката. Манчевски меѓутоа оди многу подлабоко... Не само од психолошки аспект, кој едновремено ја дава и сликата на општеството, туку ги претставува и сломовите, пропаста", рецензира Виланд Шпек, прв човек на секцијата Панорама. Годинава за разлика од порано Македонија нема свој претставник во секцијата за млади таленти, но ја има една од десетте надежни филмски ѕвезди.

На младата македонска актерка Наташа Петровиќ, наредниот понеделник може да и’ донесе пресвртница во животот и кариерата. Таа е една од десетте „нови ѕвезди“ кои во Берлин ќе се претстават пред филмскиот свет. По прес-конференцијата и индивидуалната презентација, специјалното жири в понеделник вечерта ќе ја обелодени најсјајната меѓу десетте ѕвезди.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Трајче Тосев

Поврзана содржина