1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Времето работи против „Опел“

На „Опел“ му се бројат последните денови? Дебатата за и против државна помош за спасување одзема драгоцено време. Некоректна игра на концернот „Џенерал моторс“, сопственик на „Опел“. Коментар на Карл Завацки.

default

Темни облаци се надвиснаа над судбината на „Опел“

Судбината на „Опел“ и натаму е неизвесна, спорот околу евентуалната помош за спасување на германскиот производител на автомобили, кој е во американска сопственост, предизвикува расцеп во германската владина коалиција. Социјалдемократите бараат итно да се дејствува, канцеларот Ангела Меркел се’ уште не гледа основа за давање државна помош за „Опел“, други водечки личности од демохристијанскиот табор застапуваат различни, меѓусебе спротивставени гледишта.

Ситуацијата на „Опел“ е не само сериозна, туку и не трпи одлагање. Најдоцна во април му се заканува банкрот на неговиот сопственик, американскиот концерн „Џенерал моторс“. Тоа натамошно би го отежнало спасувањето на германското претпријатие. Но, германската влада бара јасност, за да може да донесе решение за помош, кое мора да биде исклучиво од полза за „Опел“ и да ја обезбеди неговата егзистенција и работните места на вработените. Мора да биде спречено пари од германските даночни обврзници да завршат во Америка. Американскиот концерн, очигледно, толку многу ја молзел својата германска фирма, што „Опел“ овде во Германија одамна веќе не плаќал данок на добивка.


Ограничен маневарски простор на менаџментот на „Опел“

Rettungskonzept für Opel

Раководството на „Опел“ со незадоволителниот концепт за спас од кризата


Времето го гази „Опел“, оти и покрај добрата продажба, маневарскиот простор му е се’ потесен. Ако се оддолжува со спасувањето, и нему му се заканува банкрот. Во моментов „Опел’ се’ уште профитира од државната премија од 2500 евра за расходувано старо возило, за со тие пари да се купи ново. Но, потенцијалните купувачи се во дилема - кој купува автомобил од претпријатие чија егзистенција е под прашање? Ако пропадне „Опел“, веќе нема да биде гарантирано снабдувањето со резервни делови, овластените дилери ќе се ориентираат кон други производители. Ако муштериите и дилерите го свртат грбот, обидите за спасување веќе немаат никаква смисла.

Кај Сојузната влада се посилен е впечатокот дека е многу ограничен просторот за дејствување на менаџментот на германското претпријатие и на европската централа на „Џенерал моторс“. Американскиот концерн е сопственик на фабриките и производните постројки, тоа важи и за патентите. „Опел“ пред повеќе години беше преобразен од акционерско, во друштво со ограничена одговорност, за да му се гарантира на „Џенерал Моторс“ целосен пристап во секој момент. Покрај ова, раководните структури на „Џенерал моторс“ играат игра, која е целосно несоодветна на ситуацијата: прво бараат ветување за 3,3 - уште подобро за шест до седум милијарди како помош од германската држава за спасување на „Опел“, и дури тогаш да преговараат за неговата иднина.


Спасувањето на „Опел“ ги слабее другите германски производители на автомобили!

Schweiz Genf Autosalon 2009 Opel Ampera

Ампера - автомобил на електричен погон на „Опел“ - адут за иднината. Но, има ли иднина за „Опел“?


Концептот за санација, поднесен од „Опел“, не го заслужува тоа име. Германската влада не сака и не може да се впушти во таков покер, што се чини дека го игра менаџментот на „Џенерал Моторс“ во однос на судбината на својата германска фирма. „Опел“ може да биде спасен само ако американскиот концерн се откаже од мнозинскиот удел во своето претпријатие во Германија и ако се јави инвеститор со готовност да го преземе тој удел и раководењето со фирмата. Тоа, патем, важи не само за „Опел“, туку е нужен модел за сите европски фирми на „Џенерал моторс“. Конечно, кај евентуалната помош мора да се води сметка и за конкурентската неутралност. Со оглед на предимензионираните светски капацитети за производство на автомобили, нема никаква смисла со спасување на „Опел“ од страна на државата да се заслабне позицијата на другите производители на автомобили во Германија.