1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Времето работи за Македонија во спорот со Грција

Интервју со професор Хајнц-Јирген Акст, од Институтот за политички науки при Универзитетот во Дуизбург.

default

Грчкиот премиер Караманлис и шефицата на дипломатијата Бакојани

Грчките конзервативци се обврзаа дека ќе постават вето за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, доколку не се најде компромис околу името. Дали се наоѓаме повторно во ќорсокак?

Ханс Јирген Акст - Прашањето не може така едноставно да се одговори. Од една страна мора да заклучиме дека ФИРОМ добива се‘ повеќе и повеќе меѓународно признание. Канада е сега 118-та држава што го призна Скопје под името Република Македонија. Тука мора јасно да се каже дека времето работи за Македонија. Другото е позицијата на Грција: во моментов таму не може ниту една партија да си дозволи да работи отворено на компромис со Македонија и отворено да зборува за решение што ќе и‘ соодветствува на реалноста. Мислам дека тоа е и причината за јавната изјава на Караманлис за блокада. Но, ако малку се погледне зад кулисите, мислам дека накусо речено времето работи за Македонија и Грција мора при тоа да внимава да не го загуби образот, особено на внатрешно политички план да не плати превисока цена.

Посредникот Метју Нимиц по средбата со грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани, изјави дека нема намера да поднесе нов предлог за името, дотолку повеќе што во сегашната фаза тоа не би донело никаква корист. Од друга страна, меѓутоа Грците сакаат сега да преговараат. Гледате ли во ваквите околности услови за изнаоѓање решение?

Некакво решение мора да се најде. Уверен сум дека и во грчкото Министерство за надворешни работи, исто така и грчкиот Премиер се заинтересирани за надминување на проблемот, бидејќи отворањето на НАТО и на ЕУ за Македонија принципиелно не го оспоруваат. Мислам дека на грчките политичари ќе им биде многу тешко да се исправат пред 27-темина во ЕУ на пример и да изговорат вето за приемот на Македонија. Затоа мислам дека треба да се бара компромисно решение и тоа тивко и обврзувачки.

Но, исто така мора да се каже оти е јасно дека владата во Скопје во моментов е уверена дека има поддршка и затоа не може да се каже дека е подготвена на компромис. Затоа Вашата оценка дека ситуацијата е доведена во ќорсокак веројатно е оправдана, барем што се однесува до среднорочната перспектива.

Владата во Скопје не се воздржуваше ни од провакции, таа го преименува аеродромот. Сметате ли дека тој потег ја стврдна уште повеќе и позицијата на Атина во спорот?

Тоа секако не бил мудар потег да се преименува аеродромот во Скопје и да се нарече Александар Велики. Видливо е дека во обете држави мора да се води сметка за национално ориентираните сили и тоа во Скопје беше очигледно направено токму со изборот на името за аеродромот. Тоа во секој случај не е чекор што го олеснува наоѓањето компромис.

Господине професор, какво влијание би имало за Атина и за Скопје, но и за целиот регион доколку се возобнови отворениот конфликт околу името?

Добро, мора да се каже дека овде не станува збор за некој жежок конфликт. Станува збор за проблем со многу симболична вредност, имено во која мера ќе бидат почитувани националните идентитети на обете страни. Мислам дека ниту Скопје, ниту Атина немаат интерес да го доведат конфликтот до точка на вриење. Тоа е поврзано и со тоа што економските односи меѓу Грција и ФИРОМ во меѓувреме се толку добри што ескалација на конфликтот околу името би донела преголеми загуби за обете страни. Мислам дека развојот нема да оди во таа насока. На место тоа сметам дека обете страни треба да се помират со фактот дека спорот ќе продолжи подолго време, дека се‘ повеќе и повеќе држави ќе го признаваат Скопје под името Република Македонија и дека тогаш за Грција се поставува прашањето: сакаме ли навистина да ги ставиме на коцка добрите економски односи со Македонија, за што не верувам дека е воопшто можно. Или, другата варијанта е, да бараме начин како на нашите грчки избирачи да им ја објасниме ситуацијата. Проблемот е во тоа што до сега грчката страна постојано им велеше на граѓаните дека ќе има решение што е стопроцентно во грчки интерес. Но, тоа секако нема да биде можно ако владата има права желба да се најде комромисно решение.

Ако се осмелувате да дадете прогноза, што би рекле каква ќе биде ситуацијата за 10 или 15 години?

Првото прашање што треба да се постави е кога ЕУ ќе биде во состојба да прими нови членки? Тука мора да се каже дека пред зачленување на Македонија во ЕУ мора да се расчисти отвореното прашање на Турција. При тоа како еден вид магичен датум се спомнува 2009-та година. До тогаш ЕУ сака да знае до каде се протегаат најзините граници. Дотолку европската перспектива на Македонија во моментов зависи од турското прашање. Ова секако не е толку изразено кога е во прашање НАТО.

Кога сме кај ЕУ, има две алтернтиви: ЕУ со Турција или без неа. Но, јас не гледам дека Македонија ќе има сериозни потешкотии на патот кон ЕУ.

Во наредниот период, зборувам за 5 до 10 години, ќе мора на Грција да и‘ се даде некаква компензација доколку решението за името не им одговара потополно на грчкиет замисли.

Мислам дека кога динамиката на овој план ќе се засили, дека тогаш и посредникот Метју Нимиц ќе мора да се појави со нови предлози. При тоа според мене проблемот е во тоа што Нимиц до сега поднесе толку добро промислени предлози, што воопшто не остануваат многу алтернативи. На пример Република Македонија, коса црта Скопје и другите... Се‘ што предложи не и‘ се допадна на едната или на другата страна. Но, реално ни не остануваат многу алтернативи, така што сметам дека Нимиц ќе мора да се наврати на некоја од веќе предложените.