1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Времето на евтина нафта дефинитивно помина

Секој ден во светот се трошат 90 милиони барели нафта. Но јазот меѓу се’ поголемата жед за овој извор на енергија и можностите за негово експлоатирање во наредните децении ќе биде еден од најголемите предизвици.

 „Времето на евтина нафта е завршено“, опуштено вели Фатих Бирол и знае за што говори. Главниот економист на Меѓународната агенција за енегија (ИЕА) ова му го повторува секому, без оглед дали сака да слушне или не. И на возачите и на корисниците на нафта за домаќинства од тоа им се ежи кожата. Но Бирол е сигурен во тоа , бидејќи побарувачката за нафта постојано расте:

„За дваесетина години на светот ќе му требаат 12 милиони барели повеќе на ден. Половина од тоа ќе и биде потребно на Кина а остатокот на Индија“.  Но до кога понудата ќе може да држи чекор со потрошувачката?  Не долго, уверен е единствениот геолог за нафта во Германија, Волфганг Бледингер. Тој работеше за нафтените компании а сега предава на Техничкиот универзитет Клаустал:

„ И кај богатите извори на нафта,  сега сме веќе на надолна патека“ , вели професорот Бледингер.

Свесно залажување на клиентите

Најголемите количества нафта и натаму потекнуваат од класичните и богатите нафтени полиња меѓу јужен Урал и Арапскиот полуостров. Но експертите сметаат дека кај мнозинството од тие полиња врвот на нивна искористливост е веќе надминат. Покрај тоа, министерот за нафта на Саудиска Арабија Али Ал Наими најавува дека неговата земја во случај да е потребно би можела наместо 9 да експлоатира 12 милиони барели нафта на ден. Но Блендингер го смета тоа за свесно залажување на клиентите: „Таму произведуваат до самиот лимит. Можеби постојат резерви за некакви видови нафта, кои ниту една рафинерија не може да ги преработи. Факт во последните преку десет години е дека тие произведуваат до крајните краници“.

И Меѓународната агенција за енергија смета дека секоја наредна година од овие извори ќе  протекува по 3 проценти помалку нафта. Но како и покрај тоа понудата може да расте? Надеж на светот во изминатите години секогаш одново му даваа информациите за новооткриени извори на нафта на Антарктикот или во океанските длабочини крај бразилското крајбрежје. Но експертите трезвено ги оценуваат ваквите наоди.

„Тоа светот би го снабдило со нафта една недела. Тоа не се огромни наоѓалишта. Мора секогаш добро да се внимава и да се анализираат чистите бројки: што таму навистина е откриено?“, предупредува Бледингер.

Да се менуваат навиките

Многу повеќе нафта се крие во т.н катранест песок и почвите богати со битумен шкрилци.  Тоа се нарекува неконвенционална нафта. Таа меѓутоа може да се експлоатира само со голема потрошувачка на вода, енергија и сериозни последици за животната средина. А нуди само привремено решение:

„На почеток  со оваа неконвенционална нафта дури ќе може  тука и таму да се компензира некој кусок. Но кога кривата на производство на конвенционална нафта еднаш остро ќе падне, тоа ќе биде голем проблем, бидејќи  експлоатација на канадскиот нафтоносен песок не може по желба да се зголеми од три на шест или осум милиони барели дневно“, вели Бледингер.

Нафтата сепак нема да ја снема од денес за утре, додава тој.Само што ќе биде се’ поскапа. „Во иднина мора да се прилагодиме да опстојуваме со се’ помалку енергија“. Фатих Бирол од Меѓународната агенција за енергија е уште поконкретен: „Мораме да ги промениме навиките околу нашата мобилност“.