1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Врвна атлетика во сиромашен амбиент

Светското првенство во атлетика заврши. Москва само ја потврди добро познатата слика за атлетскиот спорт. Амбиентално, „Лужники“ ги изневери очекувањата.

Последните сцени од големата атлетска претстава беа токму со главните ликови кои доминираа низ деветте атлетски денови: Јусеин Болт и Шели-Ен Фрејзер, јуришниците на победничките штафети на Јамајка, кои со по 3 златни медали се мундијалските великани. Малкумина низ тридецениската историја на светските првенства се со подвиг сличен на овој на Болт, со по 3 медали на три шампионати едноподруго! Во минатото тоа беа Американците Карл Луис, Мајкл Џонсон, Морис Грин... Сега им се придружи и Јусеин Болт. Шели-Ен Фрејзер нема зад себе таква победничка серија, но направи сликата за спринтерска Јамајка да биде уште пораскошна и посугестивна! Единствената личност која може рамо до рамо да застане покрај оваа двојка е Британецот Мо Фарах. Во него светот доби великан во трките на 5 и 10 километри, кои се посебна и исклучително ценета категорија во атлетската програма.

Мундијал без светски рекорди

Ова е едно од малкуте првенства без соборен светски рекорд. Непишано правило е во пост-олимписката година да изостанат рекордерските остварувања! Неколку пати во Москва можеше да се почувствува блискоста на таков спектакуларен момент на уривање на границата на човековите можности. Најблиску беше Украинецот Бондаренко во скок во височина, кога полета на 2.46 обидувајќи се да го надмине веќе 20 години стамениот рекорд на

Кубанецот Хавиер Сотомајор. За волшепство на моментот се погрижи и францускиот трискокаш Теди Тамго, прескокнувајќи ја магичната граница од 18 метри, како трето име во атлетската историја. Замислата на атлетската дива Елена Исинбаева беше нејзиниот последен мундијалски прелет да биде на височина на светски рекорд. Ниту еден од овие обиди не заврши според посакуваното сценарио. Обично секогаш резултатски најсиромашни се првите сезони после Олимпијадите. 3 рекорди на шампионатите, 1 континентален рекорд, 20 најдобри резултати во сезоната е учинокот на московскиот тартан. Русија имаше најмногу златни медали, а САД најмногу одличја.

Германија силна во техничките дисциплини

Германија е меѓу петте најуспешни нации на првенството. Резултатскиот стандард во последната деценија е задржан и во Москва. На „Лужники“ четири

Leichtathletik WM in Moskau 2013 Christina Obergföll

Кристина Обергфел

пати беше интонирана германската химна. Во чест на фрлачот на диск Хартинг, скокачот со стап Холцдепе, моќниот фрлач на ѓуле Шторл и нивната колешка, копјаничката Обергфел. Германската спортска јавност пријатно ја изненади победата на Холцдепе, бидејќи сите други беа во најтесниот круг на кандидати за титулата. Потфрли Бети Хајдлер, која не се пласира во финалето во фрлање кладиво. Германија освои 7 медали во Москва, сите во техничките дисциплини, во кои има одлични поединци. Иако, се чувствува мал прогрес, на тркачкиот полигон изостанува германската конкурентност за место на подиумот. Последниот медал, сребрен, го освои Инго Шулц во 2001. година, во финалето на 400 метри.

Полупразниот „Лужники“

Се очекуваше спектакуларна атмосфера на стадионот „Лужники“. Бидејќи, Москва, по 33 години ја собра светската елита. Учество на спортисти од 203

земји можат да обезбедат само Олимписките игри и атлетиката. Сепак, очекувањата изостанаа! Полупразните трибини не се амбиентот кој ги следи врвните атлетски натпреварувања. Вкупно 396.000 гледачи беа непосредни свидетели на московската атлетика! Премалку од аспект на грандиозноста на настанот, атлетската традиција во Русија, комплетноста на светската елита... Која беше причината за амбиенталното фијаско во една од светските метрополи, тешко е да се објасни! Тоа е единствената сенка врз 14-то поглавје од тридецениската мундијалска традиција!