1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Враќање на Франција во командата на НАТО

Францускиот парламент денеска ќе гласа за доверба на владата. Повод е одлуката на претседателот Никола Саркози да ја врати земјата комплетно во командните структури на НАТО сојузот.

default

Ќе ги увери ли сограѓаните? Претседателот Никола Саркози

Со оглед дека станува збор за промена на курсот што траеше цели 43 години, реакциите во јавноста се поделени. Поголемиот дел од Французите лежерно ја прифаќаат одлуката на претседателот Саркози. Тоа го потврдуваат како анкетите на јавното мнение, така и изјавите на граѓаните:

„Франција ионака му припаѓа на НАТО. Она што ќе биде поинаку, е тоа што ќе бидеме вклучени во раководните структури. Од секогаш бевме член на НАТО и учествувавме во мисиите во странство, значи мислам дека принципиелно нема ништо да се смени.“

„Мојата генерација, постарите, ние не сме за тоа. Можеби Франција нема повеќе да има така независна позиција во однос на оние кои донесуваат одлуки, а со тоа и во однос на САД. Нам би ни било помило, кога би се држеле малку повеќе на страна.“

„Ми се чини дека за нас, Французите, нема да се смени ништо. Она што е важно, е нашата армија. Претседателот Де Гол, кој ја донесе одлуката за истапување од командната структура, живеел во друго време. Сепак, дали враќањето во тие структури е добар избор или не, не можам добро да проценам.“

Историска одлука

Одлуката за повлекување од командните структури на НАТО сојузот ја донесе претседателот Де Гол пред точно 43 години. Во тоа време Франција стана атомска сила и не сакаше да се најде во позиција за користењето на нејзиниот нуклеарен потенцијал да решава никој од надвор, дури ни САД и другите сојузници од НАТО.

De Gaulle

Поранешниот француски претседател, Шарл Де Гол

Но, времињата постепено се менуваа и најдоцна по паѓањето на „железната завеса“ во 90-тите години, нуклеарното оружје загуби на важност. Сега се во фокусот борбата против меѓународниот тероризам и странските мисии, во кои Франција испраќа свои војници, но не учествува во донесувањето на стратешките и тактичките одлуки за нивниот ангажман. Тоа е и клучниот аргумент на претседателот Саркози за враќањето во командните структури на Алијансата спроти пролетниот јубилеен самит на НАТО, што во април ќе се одржи во Франција и во Германија.

Исплатлив потег?!

За возврат, Франција ќе добие две важни стратешки позиции во НАТО, како и драстично зголемување на бројот нејзини офицери во командните структури од сегашните 110 на 1.000. Освен тоа, Франција во иднина ќе учествува во промената на стратегијата на Алијансата, како и во Одборот за планирање на операциите. Што се однесува, пак, до нуклеарниот потенцијал, тој останува и понатаму под национална команда. „Секако дека останува независноста на нашето атомско оружје. Самите ќе решаваме и за испраќањето наши војници во странство, а во мирнодопски услови нема да има наши сили под команда на НАТО“ - појасни претседателот Саркози.

Дали пратениците ќе и’ дадат поддршка на неговата одлука, ќе се знае до вечер.