1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Враќање на сјајот на КК Работнички

Кошаркарскиот клуб Работнички е една од најсилните ѕвезди на македонското спортско небо. Клубот, кој со децении беше водечки, во последните неколку години перманентно се оддалечуваше од главната натпреварувачка сцена.

Деновиве Работнички е во фокусот. Од салата во Градскиот парк во Скопје се продуцираат позитивни тонови, на радост на илјадниците фанови на најтрофејниот кошаркарски клуб. За спортски директор на клубот е наименуван Дејан Јовановски, едно од најголемите играчки имиња на Работнички и на македонската кошарка. Функционирање на клубот на европски начин е еден од приоритетите:

„Работнички би требало одново да биде двигател на тренерскиот, играчкиот и организациониот кадар во македонската кошарка. Задоволен сум што ја имам и можноста и условите, се‘ она што претходно им пречело на играчите, на тренерите и воопшто на луѓето кои го менаџирале Работнички, да можам да помогнам клубот да го ставиме на цврсти нозе и да почнеме да работиме на европски начин.“

Под патронат на Општина Центар во Скопје

Скопската општина Центар ја презема обврската за финансирирање на клубот додека Работнички не застане на здрави нозе:

„Основач на Работнички, според новиот принцип на организирање на клубовите, е Општина Центар. Финансиите се секако еден од најбитните фактори, но најнапред менаџментот треба да се постави на здрави нозе, за да може тие финансии правилно да се распоредат и најефикасно да се искористат.“

Организирање на младинскиот погон, како главна играчка база, собирање на квалитетен стручен тим и стрпливо градење на клупската пирамида, е основниот концепт за новото издигнување на Работнички:

„Најголем квантитет ќе вложиме во младинските категории и во нивното издигање и организирање, бидејќи без овие категории, без младинската база, не можеме да зборуваме за цврст костур на која било екипа.“

Јовановски потенцира уште еден битен момент во работењето на Работнички - стручната работа во клубот, на чие чело е тренерот Марјан Лазовски:

„Што се однесува до стручниот дел, се обидуваме да го собереме тренерскиот кадар којшто најдобро ќе може да го унапреди потенцијалот на овие играчи. Одиме кон еден систем на организирање на сениорската екипа, во којашто би биле квалитетни домашни играчи, квалитетни засилувања, но не во толкав број како порано, туку само двајца. Со тоа би добиле шанса и млади играчи да бидат вклучени во првиот погон, со тренажен процес низ кој би го искористиле својот играчки капацитет.“

Чекор по чекор до Европа

Некогаш силен во екс-југословенста кошарка, беше полуфиналист во Купот на победниците на куповите, со 15 титули и 8 победи во Купот на Македонија - Работнички зад себе има богато минато. Кога би можело да се очекува да се врати и да биде одново дел и од силните европски натпреварувања? Дејан Јовановски вели: ни треба време, разбирање и стрпливост:

Marjan Lazovski, Trainer des mazedonischen Basketballteams

Tренерот Марјан Лазовски

„Мораме да одиме чекор по чекор, за да можеме да ги решиме и оние мали работи коишто како една слаба алка во синџирот би правеле проблеми и кога би имале голем буџет. Визијата на Работнички е да биде конкурентен и во Јадранската лига и во евро-куповите. Меѓутоа, ќе мораме да ги средиме оние мали невидливи работи па останатите, кои се голема пречка во враќањето на Работнички. Но, мислам дека тоа би се случило за 2-3 години. Не сакам тоа да биде со трчање, со сопнување, туку стабилно, финансиски исплатливо, економично, со други зборови - оптимално.“

Новиот концепт на организирањето на КК Работнички, предвидува вклучување и на личности кои во минатото ја граделе клупската историја:

„Мора да се почитуваат сите оние луѓе кои се вградиле себеси во клубот, кои придонесле за неговата афирмација, кои направиле Работнички да биде тоа што е денес. Во Бордот на директори на клубот е Благоја Георгиевски-Буштур. Јас за него велам дека тој е излогот на Работнички и ќе се обидеме да ги искористиме сите негови лични контакти, што ги има особено на екс-југословенските простори“, вели Дејан Јовановски, новиот спортски директор на КК Работнички од Скопје.