1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Враќање на сцената со полициска заштита

Веќе една година иранскиот музичар во Германија, Шахин Наџафи живее во страв за сопствениот живот. Поради една негова песна во Иран му е изречена смртна пресуда- т.н. „фатва“. Но тој и' пркоси и се враќа на сцената.

Секој тон мора да одговара, бидејќи, за Шахин Наџафи неговите 2 концерта во Берлин се премиера. Конечно е повторно на една германска сцена, за прв пат откако животот му е во опасност поради критиките упатени кон владата во Техеран.

„Не можев да разберам и всушност се' уште не разбирам, како можеше тоа да се случи. Како еден човек или луѓе можат да решаваат за нечија смрт поради некоја песна?"

А токму тоа нему му се случи поради песната „Наги". Веќе и сликата на синглот, купола на џамија како женска града, беше скандал. Згора на тоа во текстот тој го критикува угнетувањето и сексуалното насилство во својата татковина. Доволно за еден ајатолах да изрече фатва. На интернет е понудена парична награда за главата на овој пејач.


Шахин Наџафи, кој во тоа време веќе живеел во Германија морал да се крие и добил полициска заштита. Тој не сака да биде политички активист. Но, не сака да дозволи да му се забранат неговата музика и неговите критични текстови.

„Мислам дека на нашиот свет може да му помогне само уметноста, а не политиката. Но, секако, политичките теми и нашите проблеми со оваа влада и со овој исламски режим се најнужни."

Неговите фанови го ценат пред се' поради тоа што зборува отворено и покрај сите закани. И поради нив тој сега се враќа на германската сцена.

Една година по изрекување на фатвата опасноста не е помината. Но, Шахин Наџафи не сака да гледа назад, не сака да биде само човек кој е загрозен, туку сака да биде повторно музичар. Бидејќи, "важна е, вистината, од каде доаѓам, но уште поважно е каде одам", вели тој.