1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Враќање на Седлоски во мак-фудбалот

Гоце Седлоски е повторно дел од македонскиот фудбал. Фудбалското име со рекорден број настапи во дресот на Македонија го презема водењето на прволигашот Турново.

Враќањето во мак-фудбалот не е ниту во родниот Прилеп, ниту во Скопје, каде што одигра десетици и десетици репрезентативни натпревари, туку на клупата на Хоризонт Турново. Што беше тоа што го привлече Гоце Седлоски во „најфудбалското“ село во Македонија?

„Ги гледав настапите на Хоризонт ова лето во прелиминарните натпревари од Лигата на Европа. Видов екипа, која располага со квалитет, со амбиции, екипа која е една од најдобрите во Македонија. Кога претседателот на Хоризон,т Орце Тодоров, ми предложи да ја преземам, премногу не се колебав. Се договоривме да ја водам во наредните 6 месеци. За потоа ќе видиме.“

На прашањето како гледа на квалитетот во македонското првенство, Седлоски одговара:

„Да бидам искрен, немам најдобра претстава за фудбалот што се игра во македонското првенство. Повеќе сликата за случувањата кај мене е формирана низ разговори со бројните мои пријатели од фудбалската фела. Со поединостите штотуку започнувам да се соочувам. Знам дека не‘ очекува доста изедначено првенство, со повеќе екипи што имаат аспирации за излез во Европа.“

Репрезентацијата е неодминливата тема. Гоце Седлоски зад себе има импозантен репрезентативен опус.Тој е единствениот македонски фудбалер со 100 настапи за репрезентацијата. Внимателно го избира секој изречен збор:

„Ќе ме разберете, јас до вчера бев дел од таа репрезентација, со половината од овој играчки состав делев добро и зло. Знам дека секој што го носи македонскиот дрес сака да го даде најдоброто од себе.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballer Goce Sedloski und Ilco Naumoski

Гоце Седлоски и Илчо Наумоски (архива, август 2009-та)

За моментот во кој се наоѓа Македонија во квалификациите за Светското првенство, вели:

„Да го почекаме крајот на квалификациите. Знам само дека пред почетокот големи фаворити беа Хрватска и Белгија и тие денес се во битка за место на Мундијалот. Можеше лесно да се предвиди дека останатите 4 селекции ќа ја бијат битката за пласман од 3-6 место. Македонија покажа дека може да се носи со сите, иако резултатски не секогаш успеваше тоа да го потврди. Има уште два натпревара до крајот, кои ќе го формираат редоследот на табелата, за потоа да се направи поцелосна анализа на оствареното.“

Седлоски една вечер беше в.д. селектор на Македонија. Лани во Скопје, во победничкиот пријателски натпревар против Литванија, во меѓупросторот од заминувањето на екс-селекторот Тошак и назначувањето на Јаневски. И ова е тема за која тој не сака да зборува:

„Тоа беше само еден момент кога бев на клупата на Македонија. Ја победивме Литванија... За тоа воопшто не размислувам. Јас сум во една поинаква ситуација. Од позицијата на помошник тренер во австрискиот Матерсбург, доаѓам на клупата на Хоризонт Турново и сега целосно сум фокусиран на обврските во новата средина. Моите амбиции се врзани исклучиво за Турново со желба да направиме добри резултати со мојот нов клуб. Потенцирам, договорот е да го водам Турново во наредните 6 месеци!“, изјави Гоце Седлоски во разговорот за Дојче веле.