1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Враќање на Америка на Балкан?

Американскиот потпретседател Џо Бајден денеска (20.05.2009) ќе го посети Белград. Турнејата на Балканот ја започна вчера во Сараево, каде зборуваше во парламентот.

default

Џо Бајден во Сараево

Во изразито емотивниот говор тој констатира дека Америка предолго се држеше настрана за време на минатата војна. Од Дејтон до денес Американците, заедно со европските партнери, многу вложија во Босна и Херцеговина, рече потпретседателот Бајден и додаде дека европатлантските партнери не се задоволни со актуелниот развој на состојбата во земјата.

„Денес сме загрижени поради насоката во која оди вашата земја, загрижени сме за вашата и за иднината на вашите деца“.

Поддршка за сувереноста на БиХ

Бајден ја осуди максималистичката реторика на босанско-херцеговските лидери и и’ искажа подршка на сувереноста и целовитоста на земјата. На политичарите им порача дека мораат да ги засилат државните институции. Патот на просперитетот на БиХ е патот кон приклучување кон ЕУ и НАТО, оцени гостинот од Америка. Во моментов земјата сврте од тој пат и може да се врати на него само ако ги надмине етничките разлики и тесно-партиските интереси, за да функционира како единствена држава, оцени Бајден.

Тој и’ искажа силна подршка на Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница и нагласи дека Канцеларијата нема да биде затворена се’ додека не се реализираат познатите цели.

„Меѓународната заедница мора да биде уверена дека сите нивоа на власта во БиХ се подготвени во целост да го спроведуваат Дејтонскиот мировен договор и дека политичарите се подготвени да ги отфрлат реториката и акциите кои му се закануваат и го нарушуваат тој мировен договор, пред да се промени присуството и улогата на меѓународната заедница.“

Sven Alkalaj und Joe Biden

Џо Бајден и Свен Алкалај

Без максималистички цели

Потпретседателот на САД и Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, кој исто така беше во Сараево, разговараа со политичките лидери на Босна и Херцеговина. Претседателот на Демократската партија Драган Чавиќ рече дека на политичарите им било порачано оти нема да бидат толерирани максималистичките цели.

„Ни беше речено дека нема да бидат поддржани сепаратизам и груба централизација на државата и дека не треба ни да размислуваме за тоа“.

Опозицијата во БиХ смета дека Џозеф Бајден во обраќањето во парламентот јасно укажал на пропустите на владеачките структури. Нерзук Ќурак, доцент на Факултетот за политички науки во врска со настапот на Бајден, коментира:

„Она што е спорно, за жал, не е соопштено ни сега - дали Белата куќа ќе именува пратеник за Балканот. За жал, не сум сигурен дека ќе дојде до тоа, а ако не биде именувам специјален пратеник се плашам од долго тапкање во место“. Ќурак искажа и страхување дека домашните политичари нема да се препознаат во силните пораки што им ги упати високиот гостин од Америка.


Автор: Самир Хусеиновиќ/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска