1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Враќање кон рутината

Коментар на Даниел Шешкевиц

Се вратија насмевките во меѓусебните односи: Шредер и Буш во добро расположение

Се вратија насмевките во меѓусебните односи: Шредер и Буш во добро расположение

Германскиот канцелар Герхард Шредер вчера во Белата куќа беше примен од американскиот претседател Џорџ Буш. Во едночасовниот разговор и на работната вечера потоа на која присуствуваа и потпрестедателот Дик Чејни и министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс, стана збор за важни билатерални и меѓународни теми. Во германско-американските односи на високо ниво повторно се врати нормалноста.

Веројатно претседателот Буш и канцеларот Шредер беа опуштени и поради тоа што ова беше ден вид проштална посета. Тие уште еднаш ќе се видат за време на самитот на Г-8 во Шкотска. Пред нова средба, според се што се знае засега, стојат германските избирачи. Но, дури и да беше поинаку: оваа германско-американска средба на врвот покажа дека три години по кризната година, во германско-американските односи се врати нормалноста. Дури и ако двајцата државници не станаа пријатели. Во тонот овојпат повторно беше Герхард, а не „канцеларот„. Обајцата за важните прашања разговараа сосема отворено и пријателски. Од германската желба за место во Советот за безбедност до натамошниот однос кон мулите во Иран. Токму темата безбедност покажа дека Германија во меѓувреме на меѓународниот паркет се движи по свој пат, без притоа да бара аминување од Белата куќа. Шредер знаеше дека САД од многу причини германските гледишта ги посматраат со скепса. Но, предлогот за постојано место за Германија, Јапонија, Индија и Бразил и натаму е актуелен. Што ќе донесе ќе се види најдоцна во септември годинава на генералното собрание.

Темата Иран: На САД им се потребни Германија и другите Европејци повеќе отколку обратно. И по изборот на новиот ирански претседател, Вашингтон и натаму мора да се надева на успех на преговорите на Европската унија за иранската атомска програма, зашто САД во моментов не можат да си дозволат воена екслација на конфликтот. И обратно: Европејците можат да спречат завршување на мораториумот ако Вашингтон остане со тврд став кон Иран. Без камшик и без морков. Значи тесна координација на преговарчаката стратегија е поважна од кога и да е.

Американците и во Авганистан имаат потреба од германската поддршка. Владата на претседателот Карзаи се уште стои на стаклени нозе и без преземање на одговорноста во важни подрачја во земјата од страна на НАТО ќе биде тешко да се запре опаѓањето на авторитетот на Карзаи. Во Ирак Американците се потпират врз обуката на ирачките безбедносни сили и врз тамошната динамика на политичкиот процес на демократизација. Германија обете ги поддржува, иако врз сопствени принципи.

Обратно, Американците во иднина ќе мораат повеќе да се отворат кон германските желби. На пример од Шредер спомнатите правила за меѓународните хеџ-фондови при што се почесто германски фирми се купуваат со странски капитал. Слободната трговија и меѓународната конкуренција се едно, распродажбата на националните интереси нешто сосема друго. На овој план и САД станаа почувствителни со оглед на зачестеното преземање на американски фирми од страна на кинески. Независно од личните симпатии за овој или оној политичар, за Германија и САД расте притисокот за потесна соработка токму поради глобализацијата.

Претседателот Буш го даде својот удел за подобрувањето на односите со Европа. Сега и Германците треба да внимаваат во наредната изборна битка да не се најде место за анти-американизмот.

Даниел Шешкевиц