1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Впечатоци од Дарамсала, седиштето на Далај Лама во Индија

Уште во 1959-та, по крвавото задушување на демонстрациите за слобода и независност на Тибет, тогашниот индиски премиер Нехру им понуди азил на илјадниците Тибетанци кои бегаа пред кинеските репресалии.

default

Далај Лама на прес-конференција во Дарамсала


Затоа изминативе недели кога се повторија протести со жртви во нивната татковина, Тибетанците во егзил на свој начин им ја изразуваат солидарноста на сонародниците од другата страна на највисокиот планински венец на светот – Хималаите. Секоја вечер во центарот на Дарамсала се собираат будистичките монаси во црвени облеки, жените од Тибет во традиционалните носии и младите во маици и фармерки. Сите заедно палат свеќи, пеат песни полни со тага и оплакување и формираат поворка до храмот во кој се наоѓа седиштето на Далај Лама.


„Она што е најважно, тоа е што сум Тибетанец и тоа што од другата страна на планините страдаат мои сонародници. Учеството на маршот со свеќи е израз на нашата солидарност со нив„ – објаснува едно момче.


По должината на улицата кон централниот комплекс храмови се веат знамиња на Тибет, а написите на плакатите бараат запирање на убивањето и ослободување на Тибет. Има и големи фотографии на тибетанските жртви во судирите со кинеските сили за безбедност.


Врските со Тибет се во прекин


Директните врски со Тибет во меѓувреме се прекинати, нема повеќе телефонски врски, нема електронски писма, само по некоја оскудна информација знае да дојде од време на време. Од средината на март нема повеќе ни бегалци од Тибет. Затоа во прифатниот камп во Дарамсала моментално е комотно.


16-годишната Јангцин успеала да пребега преку границата на почетокот од годинава, прво за Непал, па од таму во Дарамсала. Таа планира да оди овде на училиште и очекува прием на личен разговор кај Далај Лама. 29-годишниот Тсеринг Пхунтсок е во прифатниот камп уште од крајот на минатата година. Ситниот монах избегал поради ограничувањето на религиозните слободи во родниот Тибет:


„Кинезите бараат од нас монасите да се изјаснуваме против Далај лама, да не се молиме за негово здравје. Неговите слики се забранети зашто Кинезите го сметаат за сепаратист. Но, Неговата Светост е за нас како мајка и татко заедно и наша потпора не само во овој, туку и во идните животи. Тој е како Господ!„ – вели монахот Пхунтсок.


Младите Тибетанци се порадикални


Далај Лама е неоспорна водечка фигура за сите Тибетатнци, иако што се однесува до политичките концепти за иднината на Тибет не се сите на неговата линија:


„Тибетанскиот младински Конгрес беше против Пекинг како место за одржување на Олимписките игри. Подлога на нашето постоење е независноста на Тибет„ – појаснува 29-годишниот политиколог Дондуп Дорџе.


За разлика од Далај Лама кој се залага за суштинска автономија и тоа по мирен пат, младите од Конгресот се отворени и за други пристапи. Неодамна за време на протестите против Олимпискиот оган тие палеа кинески знамиња во Њу Делхи и скандираа „смрт за Ху Ѓинтао“.