1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Во 2013 година без радио програма на ДВ

Дојче веле на 31 декември 2012 година го емитуваше својот последен Утрински магазин, со што завршува ерата на радио-програмата на македонски јазик.

Почитувани пријатели - корисници на програмската понуда на Дојче веле,

крајот на оваа година доносе една далекусежна промена во програмата на македонски јазик, со која се заокружува новата стратегиска ориентација на нашава мултимедијална куќа.

Дојче веле на 31 декември го емитуваше својот последен Утрински магазин, со што завршува ерата на радио-програмата на македонски јазик. Радиото 43 години беше столб на програмската понуда, белег на Дојче веле и до средината на 90-тите години на минатиот век негов единствен медиум на македонски јазик. Но, новото време, развојот на нови форми на масовна комуникација што ги овозможи интернетот, создаде нова ситуација во светот на медиумите, на што се прилагоди и ДВ. Актуелната стратегија на ДВ за медиумско присуство во поразвиениот дел на светот се потпира врз настап преку интернет и со видео содржини. Тоа значи дека во иднина комплементарната понуда на Македонската редакција на ДВ во основа ќе се состои од информации пласирани преку интернет и од разни форми на видео содржини, како неделниот ТВ магазин Европанорама (секоја недела во 19.30 часот на ТВ Алфа), видео на денот и вклучувања во информативни и други телевизиски програми на наши партнери.

Сепак, престанувањето на емитувањето на Утринскиот магазин не значи и целосен раскин со радиото. ДВ во новата 2013 година веќе нема да емитува сопствена радио-програма, но обострана желба е да ја продолжиме повеќедецениската соработка со нашиот премиум партнер Македонското радио. Предвидуваме, во договор со партнерот и соодветно на неговите програмски потреби или диктирано и од актуелните настани, да се јавуваме во различни програмски сегменти на Македонското радио, за да пренесеме информации за случувањата во Германија и Европа, овдешни гледишта и коментари за настаните или занимливости од секојдневието.

Почитувани пријатели на ДВ,

Македонската редакција на ДВ и во иднина ќе продолжи со настојувањата да Ви нуди релевантни информации за настаните и аналитички погледи во заднината на случувањата за да Ви овозможи да си создадете сопствена слика за нив. Вашите реакции – критичките подееднакво како и позитивните, ги сметаме како вреднување на нашиот труд и се битен патоказ во креирањето на она што Ви го нудиме. Препорачајте не и кај Вашите пријатели, кај сите кои имаат потреба од информации погледнати од неутрален агол, дистанцирани од контекст на дневни политички односи. Не очекуваме – и не очекувајте дека секогаш и во се ќе ни се совпаѓаат ставовите (во демократски плурализам тоа е невозможно, оти е спротивно и на животната реалност), но бидете уверени дека ДВ секогаш ќе го следи својот курс на колку што е можно понеутрален набљудувач на настаните.

Ви благодариме и на досегашната, и на довербата што ќе ни ја укажувате и во иднина и Ви посакуваме среќна и успешна нова 2013 година и многу здравје Вам и на Вашите најблиски.

Македонска редакција на ДВ