1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Во чест на немиот филм

„Меѓународните денови на немиот филм“ во Бон припаѓаат кон најреномираните манифестации од овој вид во светот. На отворено и пред кулисите на градските замоци се прикажуваат филмови, секогаш проследени со музика.

default

Само 35 години траела ерата на немиот филм. Тоа е краток временски период кој и одамна е поминат. И ако човек погледне како денес во најголем дел функционира киното - дигитално нашминкано, тридимензионално и тешко милиони - тогаш може само да се чуди, како немиот филм е популарен и до денес.

Музиката игра важна улога

Verschollener Schiller-Film wieder aufgetaucht Friedrich Schiller, eine Dichterjugend

Кога филмовите започнаа да се прикажуваат во кино во 1895 година, тие беа исклучиво неми. Тонот дојде дури три децении подоцна. Меѓутоа, пред тоа ја имаше музиката. Фестивалите како овој што деновиве се одржува во Бон на гледачите им нудат речиси автентично доживување, од ерата на немиот филм кога тој во киносалите бил придружуван со музика која била свирена во живо на лице место.

Кристијан Родербург повеќе години со неговите удирачки инструменти ги придружува немите филмови што се прикажуваат во Бон: „Факт е дека музиката игра многу голема улога. Значи звучната поддршка на еден филм игра важна улога за дејството на филмот. Може да се направи еден сосема едноставен тест, во кој би се гледал еден напнат филм, на пример трилер, и потоа би се исклучил тонот. Тогаш не недостасуваат само дијалозите, туку и музиката, која ги придружува определени сцени и визуелното дејство многу би ослабело.“

Фестивалска програма од висока класа

Bonner Stummfilmtage

Фестивалот во Бон секогаш привлекува многу публика

Родербург е перкусионист и тој е меѓу ретките кои филмовите не ги придружува на пијано, туку на различни удирачки инструменти. На годинешниот фестивал на нем филм во Бон тој заедно со неговиот партнер на пијано, Јоаким Беренц, музички придружува еден австриски и еден шведски филм.

Фестивалската програма во Бон како и секоја година е од висока класа, зашто се прикажуваат раритети, повторно откриени дела, реконструирани филмски богатства, реставрирани или, пак, долго време загубени филмови. Фестивалот не прикажува општо познати неми филмови и често прикажувани класици. Но, затоа фрла поглед на маргините на филмскиот свет.

Годинава на програмата има еден мексикански филм од 1927 година, еден јапонски, еден хрватски и дури и единствениот зачуван филм од ерата на јужнокорејскиот нем филм. Токму тоа предизвикува возбуда кај гледачите, но и кај музичарите, кои мораат да се соочат со овие сосема нови светови од слики. „Порано имало многу удирачки инструменти кај немите филмови, а имало уште и ансамбли за шумови, оркестри за шумови, кои ги свиреле звучните ефекти за филмот. Јас денес се обидувам со мои сретства да конципирам нова музика“, вели Кристијан Родербург.

Автор: Јохен Киртен/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска