1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Црна Гора ништо ново

На парламентарните избори во Црна Гора победи коалицијата предводена од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, која владее веќе 20 години. И опозицијата е окуражена од добрите резултати.

Претседателот на Демократската партија на социјалистите и лидер на коалицијата која ја сочинуваат уште две помали партии, Мило Ѓукановиќ изјави дека победата на изборите овозможила веднаш да се започне со формирањето на новата влада. Ѓукановиќ на полноќ им се обрати на големиот број приврзаници во старата зграда на црногорската влада, оценувајќи дека власта во Црна Гора е „единствена во Европа која во услови на криза успеала да ја сочува довербата“.

„Тоа е еден куриозитет на овие избори, а вториот е дека на овие избори освоивме повеќе гласови отколку пред четири години“, рече Ѓукановиќ.

Според него, владејачката коалиција на изборите добила доверба од 180 илјади граѓани, што е за 12 илјади повеќе отколку на претходните избори. Таквата поддршка, според Ѓукановиќ, ќе ја зајакне одговорноста на власта да ги исполни дадените ветувања. 

Според се’ уште неофицијалните податоци, коалицијата на Ѓукановиќ ќе располага со 39 пратенички мандати во 81-члениот парламент. Опозицискиот Демократски фронт освоил 20 пратеници, Социјалистичката народна партија девет, а коалицијата Позитивна Црна Гора седум мандати. Уште шест мандати ќе поделат три партии на националните малцинства во земјата.

Parlamentswahl in Montenegro Djukanovic

Исходот од парламентарните избори во Црна Гора покажа дека партијата на Ѓукановиќ останува на власт како рекордер во регионот

Лидерот на опозицискиот Демократски фронт, Миодраг Лекиќ ги повика партиите на малцинствата при формирањето на мнозинството, да бидат на „висина на задачата“ и најави дека неговата коалиција ќе разговара со сите демократски сили во земјата за формирање на влада на единство.

„Ова е почеток на крајот на владеењето на ДПС“, порача на прес-конференција Лекиќ.

Лидерот на досега најсилната опозициска партија, Социјалистичката народна партија, Срѓан Милиќ изрази разочараност од резултатите на изборите, но укажа дека нов квалитет е тоа што партиите на малцинствата ќе одлучуваат за формирањето на идната влада.

Аналитичарите очекуваат партијата на Ѓукановиќ да ја предводи идната влада во коалиција со партиите на малцинствата и покрај разликата од само три пратенички мандати со здружената опозицијата.

Ѓукановиќ и неговата партија, на тој начин, ќе останат единствената политичка сила во регионот која е непрекинато на власт уште од падот на комунизмот во 1991 година. Ѓукановиќ во тој период, во два наврати беше премиер, и во еден мандат претседател на државата. Црна Гора прогласи независност од Србија во 2006 година, а годинава почна и преговори за членство во ЕУ.

Се’ уште е неизвесно дали Ѓукановиќ ќе се врати на функцијата премиер, или ќе остане во заднина на случувањата како во последните две години.