1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во фуснотата за Косово и резолуцијата 1244

Во Брисел продолжи дијалогот Белград-Приштина. Една од темите е решението за регионалното претставување на Косово, кое наиде на поделени реакции во Приштина.

Во Приштина не се сите задоволни со одлуката на косовската влада на регионалните собири да се претставува со фуснота во која се споменува Декларацијата за независност, мислењето на Меѓународниот суд на правдата и резолуцијата 1244 на ОН.

Пред продолжувањето на дијалогот со Белград, премиерот Хашим Тачи повтори дека на регионалните собири Косово ќе биде претставено со фуснота која ќе има три објаснувања. Тој истакна дека регионалното претставување на Косово е во служба на јакнењето на економскиот развој на земјата. Затоа оние кои ја доведуваат во прашање ваквата одлука имаат за цел изолација на Косово и антиевропски и антиамерикански ставови, порача Тачи.

Hashim Thaci Regierungschef Kosovo

Косовскиот премиер Хашим Тачи

Од друга страна, претседателот на парламентот во Приштина Јакуп Красниќи предупреди дека владата не треба да брза со одлуката во фуснотата Косово да биде претставено и со резолуцијата 1244. Тој уште рече дека парламентот не учествувал во донесувањето на ваквата одлука.

Мустафа: да не се прифаќаат фусноти

Истовремено, на адреса на косовската влада пристигна критиката од лидерот на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа. Тој смета дека Косово не треба да се согласи на претставување со фусноти бидејќи со тоа само и‘ помага на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ. „Демократскиот сојуз на Косово смета дека прифаќањето Косово да не се претставува како република и со фуснота, без оглед на нејзината содржина претставува отстапување од уставната позиција на Косово како независна и суверена република“, истакна Мустафа.

Конечната одлука да ја донесе парламентот

Претставникот на Институтот за политички истражувања и развој (КИПРЕД) Ардиан Арифи во изјава за ДВ истакнува дека е јасно оти посетата на земникот државен секретар на САД Вилијам Бернс на Приштина пресудила во прифаќањето на ваквата фуснота. Арифи меѓутоа вели дека треба да се разгледа дали со фуснотата е загрозена државноста на Косово.

„Најдобро е собранието на Косово да се позанимава со оваа тема, и сите политички партии да постигнат согласност со цел Косово да биде претставено на начин кој е прифатлив за Приштина, но и други фактори“, оценува Арифи.

Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска