1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во урнатиот автобус во Црна Гора загинаа 18 луѓе

Во тешка сообраќајна несреќа, што се случи во кањонот на Морача кога автобус полн со патници се урна во реката, загинаа 18 лица, а 28 се повредени. Повредените се главно во тешка здравствена состојба.

Сите патници во автобусот се државјани на Романија, кои како туристи патувале на Јадранско Море, на одмор. Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, се вели дека несреќата се случила на еден мост, триесетина километри северно од Подгорица. Возилото со голема јачина удрило во металната ограда на мостот, па пробивајќи ја, паднало во Морача од висина од 40 метри. Полицијата испитува како дошло до несреќата, но засега само се знае дека таа се случила во моментите на големото невреме што во неделата (23.06), го зафатило тој дел од Црна Гора, во доцните попладневни часови.

Црногорскиот министер за внатрешни работи Рашко Коњвиќ изјави за домашните медиуми дека станува збор за „исклучително тежок инцидент“. Тој рече дека повеќето од повредените патници се наоѓаат во тешка состојба, а дека дел од нив се борат за својот живот. Медиумите во Подгорица забележуваат дека ова не е прва ваква несреќа, обвинувајќи ги за тоа тесните патишта во планинските реони на земјата, кои стануваат опасни при лоши временски услови.