1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Во Украина никој не попушта

Полицијата и демонстрантите во Киев остануваат на своите позиции. Двете страни не се подготвени на отстапки. Во центарот на градот и натаму е екстремно тензично.

Демонстрантите се забарикадирани на плоштадот на независноста во Киев, полицијата употребува водени топови за да ги разбие. Противниците на владата фрлаат со камења и Молотови коктели врз безбедносните сили. Состојбата во главниот град на Украина е и натаму експлозивна. Сепак, раководството на земјата не покажува желба за компромис.

Вршителот на должноста премиер, Сергеј Арбусов, ја обвини опозицијата за обид за пуч. Поради ваквото обвинување, тајната служба СБУ почнала истрага против „одделни политичари“, рече Арбусов, без да наведе имиња. Украинскиот претседател Виктор Јанукович ја брани употребата на насилство од страна на безбедносните сили. Според него, опозицијата ги „минала границите“, кога ги повикала своите приврзаници на плоштадот на независноста во Киев „на оружје“. Украинското Министерство за надворешни работи од меѓународната заедница побара „максимална објективност“ при проценката на состојбата.

Радикалните противници на власта се подготвуваат за нови судири. Од бината на плотшадот Мајдан говорниците повикуваат на зајакнување на барикадите. Повеќето од шаторите на плоштадот изгореа во текот на судирите во изминатите 24 часа. Од безбедносни причини, подземната железница во Киев е затворена, а не работат ниту 60 градинки и училишта во центарот на градот.

Бројот на загинати во крвавите улични борби во Киев, според официјални извори, се зголеми на 26. Министерството за внатрешни работи соопшти дека во судирите загинале најмалку десетмина полицајци. Министерството за здравство зборува за повеќе од дузина убиени демонстранти. Во судирите е убиен и еден новинар. Тој работел за киевскиот дневен весник „Вести“, а бил застрелан од, како што се вели, непознати маскирани лица.

Реномираната лекарка Олга Богомолез изјави дека има повеќе од илјада повредени демонстранти и околу 300 повредени припадници на безбедносните сили. Министерството за здравство јави дека во болниците во градот се хоспитализирани околу 600 повредени лица.

Двете спротивставени страни се обвинуваат меѓусебно за ескалацијата на состојбата. Од објектот на синдикатите кој се наоѓа на Мајдан, а кој на опозицијата и‘ служеше како штаб, поради пожар се евакуирани околу 40 лица. Министерствоо за внатрешни работи ги обвинува радикалните сили дека ја запалиле зградата за да уништат оружје и документи. Во Киев се уапсени околу 60 противници на власта, а поведени се околу 40 истражни постапки, соопшти полицијата.

Претседателот Јанукович го прогласи четврток, 20 февруари, за ден на жалост во земјата. Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, а откажани се и концертите и спортските манифестации. Телевизиските и радио станиците добија барање од власта да ја „прилагодат“ својата програма.

Синоќешната кризна средба на лидерите на украинската опозиција со претседателот Јанукович заврши без резултат. Украинскиот опозициски лидер Виталиј Кличко изјави дека ги напушил преговорите, откако Јанукович побарал од демонстрантите итно да го напуштат плоштадот Мајдан во Киев. Според опозицискиот лидер, претседателот „не е способен“ реално да ја оцени состојбата во земјата.

Лидерот на парламентарната група на украинската опозициска партија „Татковина“ Арсениј Јацењук изјави дека на преговорите со претседателот Виктор Јанукович претставниците на опозицијата барале „неодложно прогласување примирје и повлекување на силите, за да се спаси животот на луѓето“. Јацењук изјави дека Јанукович ѝ предложил на опозицијата „во практика да се предаде и да ја напушти територијата на плоштадот Независност“. Опозицискиот лидер изјави дека откако не е прогласено примирје и „властите немаат желба за тоа“, Украина е на „прагот на најдраматичната страница“ во својата историја. „Ние ќе останеме со луѓето. На плоштадот Независност има мирни луѓе и тие имаат право да останат и да продолжат со мирниот протест“, рече Јацењук.