1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во Торино Германија број 1 во зимскиот спорт?

Високи очекувања од настапот на Германците на зимската олимпијада што започнува денеска во Торино

Пехштајн и Фризингер

Пехштајн и Фризингер

Претседателот на Националниот олимписки комитет Клаус Штајнбах искажа очекувања на олимпијадата во Торино Германија да стане број еден во зимскиот спорт. На претходната зимска олимпијада во Солт Лејк Сити, и покрај рекордот од 36 освоени медали, Германците во вкупен биланс беа второпласирани – норвешките претставници беа први со еден златен трофеј повеќе, иако со севкупно помалку медали.

Ако од некого од германскиот олимписки тим со голема веројатност може да се очекува златен медал, тоа е пред се’ Ани Фризингер, шампионка од претходната олимпијата, повеќекратна светска и европска првенка во брзо лизгање: „Јас, всушност, веќе постигнав се’, веќе сум олимписки шампион. Но, сакам уште еднаш да се обидам да се вратам со злато. Би било убаво“.

Нејзината вечна конкурентка Клаудија Пехштајн, најуспешна Германка на зимските олимпијади досега, се стреми кон четврти златен медал во серија на патеката од 5 илјади метри. „Ќе биде многу тешко бидејќи конкуренцијата се уедначи. Се надевам дека на тој ден ќе имам среќа и ќе можам да дадам се’ од себе, па ќе видам до каде ќе стигнам. Во спортот е тешко да се каже ’сакам да се претплатам на првото место‘. Ако е претплатата слободна, тогаш ја прифаќам“ – се шегува Пехштајн.

Меѓу големите фаворити на олимпијадата спаѓа и биатлонката Кати Вилхелм, која пред 4 години освои два златни медала, а во оваа сезона постигна 4 победи и суверено води во светскиот куп. „Во формата во која се наоѓам пријатна ми е улогата на фаворит. Како олимписка и светска шампионка во изминатите години постојано на кулминацијата на сезоната бев ставана во улога на фаворит, иако воопшто не бев толку добра и тоа ми го отежнуваше животот. Но, кога си во добра форма и се чувствуваш подготвен, не мора да се плашиш од улогата на фаворит“ – самоуверено вели Кати Вилхелм.

Искусниот Рико Грос е познат по тоа дека на олимписките игри секогаш е во топ-форма и веќе има три златни медали во штафетните дисциплини: „Веројатно е тука тој детал – сознанието дека станува збор за олимпијада. Тогаш кај мене се’ оди уште за влакно подобро“.

Надежи за медал во скијачко трчање се полагаат врз водечкиот во светскиот куп Тобијас Ангерер, кој вели: „Знам дека сум еден од најбрзите во последните 500 до илјада метри и тоа ми дава крила“.

Се’ друго освен златен медал би било разочарување за германските санкачки, кои не се поразени на меѓународно натпреварување од 1997-ма година. Зилке Ото, која пред 4 години го освои златниот медал, сепак е претпазлива: „Имаме два дена натпревари, четири возења. Мора се’ да се совпадне – времето, материјалот, личните капацитети. Би било супер ако се’ испадне така“.

Сениор во германскиот олимписки тим од 161 член е 39-годишниот Георг Хакл, кој веќе има 3 олимписки злата – четврто за крај на кариерата? „Тоа би било како во сон. Но, животот не е концерт по желба. Се’ ќе дадам за тоа – кој ме познава, го знае тоа“.

Меѓу кандидатите за олмписко злато спаѓаат и германските боб-пилоти и претставниците во нордиска комбинација. Побргу аутсајдери, напротив, се натпреварувачите во скијачки скокови и во алпско скијање. Но, сите олимпијади носеа и по некоја сензација.