1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Тбилиси владее мир по оставката на Шеварнадзе

На улиците на Тбилиси утринава владее мир откако речиси целата ноќ преку 50.000 одушевени приврзаници на опозицијата ја славеа оставката на досегашниот претседател Едуард Шеварнадзе. Преодната претседателка, Нино Бурџанадзе, ги повика сограѓаните по повеќенеделните протести од денеска да им се вратат на нивните секојдневни обврски. Таа најави нови парламентарни и предвремени претесдателски избори за 45 дена, како и продолжување на надворешно- политичката ориентација на Грузија со САД како клучен партнер.

На масата егзалтирани сограѓани вчера вечер резултатите од разговорите со Шеварнадзе им ги соопшти радикалниот лидер на опозицијата Михаил Шакашвили:

"Разговарав со него во изминатите половина час, имавме опсежна дискусија. Тој се одлучи на оставка, тој не е повеќе претседател, се повлече од функцијата."

Заслуги за ваквата мирна разврска на политичката криза во Грузија има и рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов, кој вчера во повеќе разговори посредуваше меѓу досегашниот претседател и лидерите на опозицијата. На тој начин беше одбегнато можното крвопролевање поради прогласувањето на вонредна состојба во земјата. Војската и полицијата се однесуваа воздржано, а според медиумските извештаи делови од силите за безбедност во пресудните моменти и' се приклучиле на опозицијата.

По повлекувањето на Шеварнадзе, преодниот претседател, Нино Бурџанадзе, која беше и претседател на парламентот во претходниот состав, вака ги објасни клучните политички цели:

"Според уставот мораме да одржиме избори за 45 дена и имаме намера да се придржуваме до овој рок. Сметам дека скорешното одржување на нови избори е неопходно и многу важно. Неопходна ни е стабилност во нашата политичка ориентација. Овде претседателот Шеварнадзе зацрта исправна насока, имено, ориентацијата кон западните вредности. Ја гледаме нашата иднина во европското семејство и во НАТО. Се придржуваме до стратешкото партнерство со САД, кои сторија многу за нашата земја. Следни приоритети се подобрување на односите со Русија и со другите соседи. А на полето на внатрешната политика мораме да се избориме против корупцијата и да ја подбриме економската состојба" - нагласи Бурџанадзе.

Портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер изјави дека се радува на соработката со Бурџанадзе во нејзините настојувања за демократија во Грузија и за законска смена на власта. Баучер посочи и дека американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел разговарал телефонски со Бурџандзе и и' ветил полна поддршка. Пауел разговарал и со Шеварнадзе и му заблагодарил за тоа што овозможил мирна разврска на кризата. Околу местото каде се наоѓа Шеварнадзе и утринава нема прецизни информации. Неговиот портпарол изјави дека поранешниот претседател не ја напуштил Грузија, но не кажа каде точно се наоѓа. Портпаролот на германската влада, Бела Анда, пак уште вчера вечер изјави дека Шеранадзе е добредојден во Германија, меѓу другото и поради неговите големи заслуги за повторното германско обединување.