1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Тајланд затегната атмосфера

Во Бангкок заврши полицискиот час, воведен по задушувањето на двомесечните протести на тајландските антивладини демонстранти. Во тајландската метропола повремено се`уште можат да се слушнат истрели.

default

Десет часа во текот на ноќта беше забрането излегување на улица. Безбедносните сили се заканија дека ќе отворат оган врз секој, кој ќе се обиде да пљачкосува или да подметне пожар. Армијата во меѓувреме се упатила кон еден храм, во кој се собрале стотици приврзаници на опозицијата. И тука паднале неколку истрели.

Во другите делови од градот, по вчерашните вооружени пресметки, припадниците на „црвените кошули“ запалија повеќе згради. Мнозина демонстранти, разлутени од задушувањето на протестите против владата, преминаа на вандализам, меѓу другото палејќи еден трговски центар, театар и телевизиска станица во Бангкок. Во пожар пламна и зградата на берзата, како и повеќе банки, а насилствата се проширија и надвор од централната зона на тајландскиот главен град.

Никој не може да процени колку брзо градот ќе успее да се врати во нормала. Банките и берзите ќе останат затворени до крајот на неделава. Меѓутоа, премиерот Абхисит Веѓаѓива во едно телевизиско интервју гарантираше дека насилството брзо ќе биде сопрено. Според најновите проценки на властите, во вчерашната акција на армијата загинале шеснаесет лица, додека стотина биле повредени.

Unruhe und Gewalt in Thailand

Немири и насилство во Тајланд

Безбедносните сили вчера со тенкови ги прегазија барикадите на „црвените кошули“. Лидерите на протестното движење ги прогласија демонстрациите за завршени, изјавувајќи дека сториле се` што можеле. Сепак, капитулацијата го предизвика гневот на многу од преостанатите демонстранти. Кратко откако лидерите на опозицијата се предадоа, немирите се проширија во останатите делови на Бангкок, а го зафатија и северниот дел на земјата.

Германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле предупреди дека е можно цел Тајланд да западне во хаос. Тој ги повика двете страни на намалување на тензиите. Министерството за надворешни работи и натаму препорачува да не се патува во Тајланд.

Автор: Герд Винкел/ Франк Вернер/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска