1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Струга прослава, во Враништа инцидент

Победата на кандидатот за градоначалник Зијадин Села од ДПА синоќа во Струга е прославена и со пукотници од огнено оружје. Граѓани го блокирале патот Враништа- Велешта, а во инцидентот неофицијално имало и повредени.

„Струга грмеше од најразновидно огнено оружје. На плоштадот и главните улици низ градот членството и симпатизерите на ДПА до доцна ја славеа победата на кандидатот за градоначалник Зијадин Села,“ изјавија за ДВ неколку стружани. Според податоците од ДИК доктор Села освоил 20 770 гласа, а кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ доктор Владимир Кочоски 15 276 гласа. Од заедничкиот штаб на македонскиот блок партии најавија приговори до ДИК за одредени нерегуларности во текот на вчерашниот изборен ден.

Блокиран пат, тензии и тројца повредени

Очигледно, незадоволни од изборните резултати и победата на кандидатот на ДПА група жители од селото Враништа во кое живеат Македонци, доцна синоќа ја блокирале сообраќајницата која води кон селата Велешта и Лабуништа и ги каменувале возилата на лица кои се враќале од Струга каде ја славеле изборната победа на ДПА. Локалните медиуми од Охрид и Струга јавија дека во инцидентите тројца жители од Лабуништа биле повредени од непознати лица со тврди предмети. Нападнатите биле згрижени во болницата во Струга и по укажаната помош и констатираните лесни телесни повреди биле упатени на домашно лекување. На местото на инцидентот излегле специјални полициски сили за да помогнат да се намалат тензиите, а дел од нив во текот на ноќта работеле врз расчистување на случајот. Поконкретни информации се очекуваат во текот на денот.

Министерот Пешески: „Не сме целосно искрени едни кон други“

За време на гласањето и изборниот молк во струшко се случи уште еден изолиран инцидент. Полицијата реагирала навреме и не дозволила да се прошири. „Имавме вербална дискусија со физичка интеракција,“ на овој начин го опиша вчерашниот инцидент на избирачко место во селото Радолишта вицепремиерот Владимир Пешевски, кој таму бил присутен во својство на партиски набљудувач. Во изјавата за ТВ Канал 5 Пешевски вели дека за среќа оваа интеракција не прераснала во посериозен инцидент и дека гласањето продолжило: „Многу повеќе ме загрижи тоа што го видов во Радолишта. А тоа е односот на дел од локалното население кон државата, кон соживотот. Идејата за соживотот, која со години ја градиме, од она што го видов на терен, очигледно е дека ќе треба да ја ревидираме и да поработиме многу повеќе на таа тема. Сè уште има значително присуство на елементи што поинаку размислуваат во однос на иднината на оваа држава. Ни треба едно многу поголемо ниво на кохезија. Не сме целосно искрени едни кон други. Ако искрено ги отвориме овие прашања, полесно ќе одиме напред“, изјави Пешевски.