1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Струга, плажите по партиски клуч?

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе си ги поделат концесиите за градските плажи во Струга? Деманти сигнаа од сите страни, но сомнежот дека ќе проработи партискиот клуч остана. „Струга и се’ е можно“, вели локалната опозиција.

default

Струга

„Се лобира интензивно бидејќи имаме заинтересирани членови кои се занимаваат со бизнис и кои сакаат да го добијат управувањето со плажите, а веројатно и од другата страна кај ДУИ има такви,“ оваа изјава на претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Славко Котески дадена за медиумите ја разбранува струшката, а потоа и македонската јавност. Тендерот распишан од страна на Министерството за транспорт и врски за концесија на девет струшки плажи заврши. Но, лавината од рекации тргна само ден по изјавата на сега разрешениот Котески.

Д УИ и ВМРО ДПМНЕ од државно, се коалициски партнери и на локално ниво. „Доколку дојде до партиска распределба на плажите, уште еднаш ќе падне концептот за Македонија како правна држава,“ изјави за Дојче веле првиот човек на ДПА во Струга, Зијадин Села. Села тврди дека таков договор за поделба на плажите постоел уште пред да биде конституиран струшкиот совет. Конкурсот е само форма, плажите веќе ги уредуваат оние на кои ќе им бидат доделени,“ тврди Села.

„Кој е надлежен за плажите ?“

Strand in Struga am Ohrider See

Плажа во Струга

„Ништо не останало скриено, ниту овој скандал,“ вели Александар Попоски, лидер на струшката СДСМ: „Во Струга не се случувало на етничка основа да се дели нешто, како сега плажите. Овие плажи ќе бидат за Македонците, овие за Албанците, знаејќи дека Струга е мултикултурна, мултиетничка и дека во неа живеат и други националности. Нормално игрите ги водат ВМРО и ДУИ префрлајќи ја топката еднаш на локалната, еднаш на Министерството за транспорт и врски.“

Struga Innenstadt, Mazedonien

Струга

Градоначалникот и претседател на ДУИ во Струга, Рамиз Мерко демантира дека постоел договор за поделба на плажите. Сепак на јавноста и се свежи неговите заложби кога ДУИ беше во опозиција и кога се избори плажите да останат под локална капа и склучи договор со државата, Струга да ги има под концесија цели 99 години. „Договорот е поништен“ ни изјави секретарот на Општина Струга, Зоран Гулицоски: „Со доаѓањето на новата Влада на Република Македонија се увидело дека договорите не биле склучени со постојните важечки законски прописи и со судска постапка беше раскинат договорот и со тоа плажите останаа во надлежност на Министерството за транспорт и врски.“

На јавен конкурс за концесионирање се двете најголеми плажи во срцето на Струга: Градската и Женската плажа. Стружани зачудени: „Ова е политика. Каде ќе одиме ние обичните граѓани. Ќе стават мрежа и ќе треба да платиме за да влеземе. Езерото не е партиско, туку на цела Македонија.“ - „Плажите не треба да се делат. Тие треба да се за сите.“-„Политичките партии можат се’ да прават.“

„Исклучиво автохтон песок на плажите“

Albanien Land und Leute See Ohrid ind Dorf Lin

Охридско езеро

Се огласи и спортското риболовно друштво Св. Апостол Петар од Охрид. Претседателот Радован Димитриески укажува дека барем на струшките плажи да се води сметка за автохтоноста на песокот. Во Охрид и покрај тендерските барања на плажите се распосла песок кој не одговара на езерскиот: „Во песокта има разни микро организими, односно дел од флора и фауна од други води и тоа ќе го наруши целиот еко систем во Охридското езеро. Мислиме дека причина за појавата на некои нови видови алги е неавтохтониот песок.“

Дебатата околу судбината на плажите само привидно е стивната. Од ресорното министерство експресно стигнаа деманти. Нивната логика при изборот ќе била најдобрата и највисока понуда на јавното наддавање. Струшкиот скандал за кусо го сврте и вниманието на пратениците.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска