1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Србија - победа на радикалите

Српската радикална партија на Воислав Шешељ е победник на парламентарните избори во Србија. По пребројани гласови од 85% од избирачките места, таа има освоено 81 пратенички мандат, односно 27,29% гласови. На второ место е Демократската партија на Србија со 17,6% освоени гласови, односно 52 места во парламентот. Следува Демократската партија со 12,67% освоени гласови, а на четврто место е Г17 плус, со 11,52%.

И покрај изборната победа, на Српската радикална партија и' недостига коалиционен партнер за владино мнозинство. Претставниците на реформираните демократски партии се изјаснија против учество во влада што ја гради партијата на Шешељ, обвинет во Хашкиот трибунал за воени злосторства. Заменик претседателот на партијата на радикалите, Томислав Николиќ, изјави дека не е исклучена ниту една можност за формирање влада. Тој потенцираше дека радикалите нема да разговараат за влада се' додека на оние што загубиле не им мине тагата, а на оние што победиле или делумно победиле, не им мине радоста. "Така сите со мирна глава ќе размислуваме што и' е најпотребно на Србија во овој момент. Ако е тоа влада, тогаш Србија ќе има влада, а ако мнозинството реши да се распишат нови избори, ќе имаме нови избори", изјави Николиќ.

Лидерот на Демократската партија на Србија, Воислав Коштуница, рано изутринава најави дека главниот одбор на партијата ќе донесе решение за можната постизборна коалиција и изрази надеж дека Србија е поблиску до формирање влада, отколку до нови избори. Според Коштуница, успехот на радикалите не би бил толкав, ако изборите биле распишани порано, и доколку владечаките партии не работеле на неуспех на претседателските избори минатата година.

Меѓу партиите што го минаа цензусот до пет проценти за влез во парламентот, се и коалицијата на Српското движење за обнова и Нова Србија, која освои 7,81% од гласовите, како и Социјалистичката партија на Србија, која ја има довербата на 7,63% од граѓаните. Социјалистите на Слободан Милошевиќ сепак не се задоволни со постигнатиот партиски резултат, како и со тоа што на изборите победи десницата.

Коментирајќи го исходот од изборите во Србија, експертот за Балканот, и поранешен координатор на Пактот за стабилност за ЈИЕ, Бодо Хомбах, за Дојче Веле оцени: "Во Србија е познато дека позицијата на земјата во однос на Европа, но и во однос на соседите ќе биде многу ослабена. Доколку Шешељ, српскиот Ле Пен, со својата партија слави повторно издигнување, тогаш е тоа посакувано отстапување од Европа, тогаш тоа е знак дека демократските сили сеуште не се добро вкотвени. Но, тоа е и знак дека ние во Европа можеби мораме да се прашаме дали надежите што се пробудија по падот на Милошевиќ, кога Србија се ослободи од последниот диктатор во Европа, не се премногу изневерени, зашто голем дел од ветената поддршка за земјата не пристигна. Тоа мораме да си го ставиме малку и на наша сметка."