1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во случајот на Република Македонија најсилен аргумент е вистината

Интервју со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, водеше Нада Штајнман

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија

Господине Претседателе, во моментов се решава судбината на Косово. Планот на Марти Ахтисари во Македонија се прифати. Што според ваше мислење е најдобро за стабилност на овој регион и дали мислите дека вака планираното решавање на проблемот на Косово ќе биде позитивно за регионот и за Македонија?

Црвенковски: “Во основа, онака како што во овој момент е презентиран планот на Ахтисари, тој е прифатлив за Република Македонија. Се разбира доколку не дојде до некои крупни промени низ овој процес на дополнително преговарање, мислам на промени кои што би можеле да ги загрозат интересите на Република Македонија, ние тој план ќе го поддржиме. Имајќи ги предвид, не различните, туку спротивставени позиции кои што од самиот почеток ги имаат Белград и Приштина, беше сосема јасно дека е многу тешко да се понуди решение кое што во истовреме ќе биде прифатливо за двете страни. Од друга страна, косовското прашање премногу долго стои отворено и со самиот тој факт почнува да станува опасност или потенцијален генератор за дестабилизација не само на просторот на Косово, туку на некој начин и оптоварување за перспективите на целиот регион, вклучително и за Србија. Со понатамошно одлагање на решавањето на ова прашање тој проблем нема да се намалува, дури може и дополнително да се зголемува, и од тие позиции гледано сметам дека овој проблем конечно треба да се стави на маса и треба да се реши. Што се однесува до Република Македонија, исто така беше многу битно да во целиот тој план биде содржан и делот за демаркација на границата меѓу нас и Косово, значи, едно отворено прашање кое што не би сакале и натаму да остане отворено, бидејќи секогаш кога се расправа или преговара за граници на Балканот тоа претставува потенцијална опасност. И, ние сме задоволни што тоа прашање си го најде своето место во планот. Сметам дека тој дел е позитивно, принципиелно дефиниран, и се разбира останува доследната имплементација во роковите што се предвидени и со самиот план на Ахтисари. Инаку, сега можеме да забележиме дека откако е обелоденет планот , почнуваат да се случуваат одредени тензии. Тоа и го претпоставувавме. Самиот процес на дефинирање, сознанието каков предлог има, претставуваше ситуација во која што можат да се предвидат одредени ризици, кои што во овој момент сеуште не можеме да ги оцениме дека имаат таков формат пшто би можеле да предизвикаат поширока дестабилизација, меѓутоа никако не би смееле да ги потцениме. Клучна е улогата на меѓународната заедница и на нејзиното присуство на територијата на Косово во овој период, и во цивилниот, но исто така и во полициско-воениот дел. И, би рекол не само во овој период, туку и во една подолга низа години, од денеска натаму токму меѓународната заедница треба да претставува гаранција за држење на состојбите под контрола на Косово, барем во периодот додека не се изградат институции на Косово кои што ќе имаат сопствен капацитет да обезбедат почитување на словото на законот, на правните норми, на меѓународните принципи и стандарди и на тој начин тоа да биде клучната работа која што ќе обезбедува стабилност и на Косово, меѓутоа и стабилност во регионот. “

Македонија има големо албанско малцинство и секако на некој начин, проблемите во Македонија се поврзани со проблемите на Косово. Дали во Македонија, во овие изминати години по Охридскиот договор, седнавте на маса и размисливте каква опасност крие потенцијалот Косово за Македонија и дали постои некаква опасност?

Црвенковски: “Ова е едно од прашањата околу кое што во еден подолг временски период постои консензус во нашата држава, и на политичко ниво, па дури и на меѓуетнички план. Ние сме свесни дека структурата на населението во Македонија, каде што имаме бројна популација етнички Албанци, на некој начин има свое влијание. Имам целосно разбирање за тоа дека тие наши граѓани, тие наши државјани чувствуваат солидарност и лојалност кон амбициите и аспирациите на своите сонародници на Косово и тоа не е спорно. Дури и сме се разбрале дека во дефинирањето на нашата позиција кон Косово треба да се има предвид и размислувањето на тие наши државјани. Меѓутоа, исто така има и едно правило кое што треба да се почитува и јас мислам дека во овој период се почитува, а тоа е дека сепак лојалноста кон сопствената држава треба да биде многу поголема отколку лојалноста кон своите сонародници надвор од својата држава. Исто така постои една согласност дека Македонија не е дел од косовскиот проблем, ниту смее да ја врзува својата иднина и својата судбина со тоа што ќе се случува на Косово. Дури, би рекол дека не сме дел ниту од решението за Косово. Ние сме непосредни соседи. Се разбира дека сме заинтересирани на север од нас да има стабилност, како што сме заинтересирани таква стабилност да има и во Србија и во целиот регион. Бидејќи, само ако во регионот владеат исти вредности, или стремење кон исти вредности, можеме да сметаме дека може побрзо да се движимее кон остварувањето на своите цели, како што се на пример, евроатлатнските интеграции. Меѓутоа, она што е клучно за стабилноста на Македонија, не е тоа што ќе се случува на Косово, туку што ќе се случува во Македонија. Значи, за нас најбитно е на планот на меѓуетничките односи да воспоставиме такви состојби кои што ќе гарантираат трајна стабилност, значи ќе се гради таа етничка толеранција, соживот, една функционална мултиетничка демократија и тоа е нашата најголема гаранција за сопствената стабилност и за сопствената иднина. “

По Охридскиот договор се работеше на стабилизација на меѓуетничките односи, меѓутоа не по ова прашање, туку по прашање на непостоење дијалог добивте критика од многу европски политичари. Така и еврокомесарот, Оли Рен ве искара кога дојде во Македонија, затоа што не се направени доволно чеокори за да се спроведат реформите. Што мислите, зошто Македонија која инаку толку работеше на прашалниците, сега потфрлува?

Црвенковски: „Јас не би рекол дека се работи за критики кои сметаат или се насочени кон тоа дека сме ги промашилие реформите или недоследно ги спроведуваме. Тие критики повеќе се однесуваат на темпото, или на успорувањето на процесот на реформите. Токму тие формулации се користат и во извештајот на Европската Комисија од крајот на минатата година, и од пораките што имавме прилика да ги слушнеме од страна на претседателот на Европската Комсија, Баросо, од еврокомесарот Оли Рен, високиот претставник Солана и сл. Дури би рекол дека има една комплементарност во пораките или критиките како сакате да ги насловиме, кои доаѓаат од седиштето на НАТО. Ми се чини дека има има повеќе причини зошто се доведовме во ваква ситуација. Дел од нив се објективни. На пример 2006 година беше изборна година. Во секоја европска држава, па и Македонија тоа е лош период за спроведување сериозни реформи. Она што кај нас не смееше да се дозволи е премногу долгото траење на предизборната кампања и долгиот период до конституирањето на новата влада, бидејќи тој период беше де факто изгубен за правење на некои покрупни чекори во реформските процеси. Меѓутоа, се разбира тука не завршува списокот на причините за оваа состојба во која се наоѓаме. Има и субјективни слабости. По мое мислење еден од главните проблеми по конституирањето на новата влада беше во тоа што владата на премиерот Груевски, наместо да даде највисок приоритет на веќе усогласентата агенда со Европската Унија и со НАТО во овој клучен период, во 2007 година кога всушност треба да паѓаат одлуките за доделување датум за преговори и за поканата за членство во НАТО-алијансата највисок приоритет даде на предизборната програма на водечката партија во владината коалиција ВМРО ДПМНЕ, што не би било во некои други околности воопшто проблематично, можеби би било и сосема нормално, но велам дека нашата држава се наоѓаше во клучен период, кога најбитно беше, и сеуште е најбитно всушност, остварување на оние зацртани работи кои што ќе не одведат кон постигнувањето на овие крупни цели. Исто така се потцени прашањето на создавање на еден поширок консензус во државата. И ЕУ и НАТО сакаат да ни порачаат дека реформите се и толку значајни, но и толку тешки, што со консензус многу полесно се совладуваат. Тој консензус претставува гаранција дека кој и да е на власт, кој и да е во опозиција – курсот останува ист. И, се разбира, колку сме поблиску до ЕУ и до НАТО, до таа мера и мониторингот што ќе се спроведува кон Македонија ќе биде посериозен и некои работи што можеби ни се прогледувале низ прсти пред три, четири или пет години, сега веќе многу посериозно се третираат. „

Господине претседателе, Вие сте долго на политичката сцена во Македонија. Кажете ми зошто не постои политички дијалог, зошто се случува секогаш одново да не постои можност ни да се разговара еден со друг иако Македонија е толку мала, и тоа не само меѓу различните етникуми, туку и во самиот македонски народ и меѓу самите Албанци и другите партии не постои согласност. На што се должи тоа? Зошто не може да се воспостави дијалог за важни работи, кога се работи за една фрагилна држава како што е Македонија?

Црвенковски: "Јас не би рекол дека е тоа константа во Македонија, и токму затоа сега се актуелизира како проблем, бидејќи токму во периодот на изнаоѓање решение за кризата во 2001 година се постигна таков консензус, се оствари таков политички дијалог, и како резултат на таквиот политички дијалог се потпиша и се усогласи Охридскиот рамковен договор. Потоа во имплементацијата на тој договор, во период од неколку години се покажа исто така едно завидно ниво на меѓусебна координираност и усогласеност меѓу клучните политички партии и морам да кажам дека тоа беше еден од клучните адути и аргументи за Република Македонија, кога во Брисел Европската Комсија донесе одлука да даде препорака, а потоа се донесе и одлуката за доделување на кандидатскиот статус. Токму затоа и жалам што сега, за нешто што мислевме дека е успешно, совладано и оставено зад нас повторно се актуелизира и од страна на Европската унија, меѓутоа и самите сме свесни што значи дека еден испит кој што успешно еднаш го положивме и тоа со висока оценка, сега сме ставени во ситуација повторно да покажаме зрелост, капацитет и одговорност да го совладаме уште еднаш тој испит. Тоа е лошата страна од работите. Што е добрата страна, страна што дава оптимизам? Има реформи во државава за кои е потребно многу време, на пример реформите во образованието, во здравството, дури и кога со сиот елан би ги правеле, со сето стручно домашно и надворешно знаење, сепак бараат време. Има реформи за кои се потребни материјални средства – пари. Во случајов кога говориме за политичкиот дијалог не е потребно ни многу време, ни многу експерност и стручност, ниту е потребна финасиска поддршка, едноставно потребна е само добра политичка волја и поголема одговорност. Тој проблем можеме да го симнеме во рок од 24 часа.„

Како Вие денес ги оценувате меѓуетничките односи во Македонија?

Црвенковски: "Па од секогаш сум тврдел дека клучот за стабилноста, а со тоа и за перспективите и иднината на Македонија е во меѓуетничките односи. Меѓу другото, затоа што е таква структурата на нашето население и во етнички и во религиски смисол, што значи ако на тој план бидеме успешни, ја имаме основната претпоставка да постигнеме успех и на планот на економијата, на планот на правната држава, на планот на човековите права и слободи, на планот на евро или евро – атланските интеграции. Ако тука на планот на меѓуетничките односи се направи грешка или ако имаме тензични состојби, или што е уште порадикална форма некаква конфликтна ситуација, тогаш сите овие останати работи кон кои што се стремиме и сакаме да ги направиме, едноставно се доведени под прашање и не можат да се остварат. Република Македонија во 2001 година се соочи со еден етнички конфликт. За среќа, кога велам за среќа мислам во споредба со сите оние работи што имавме можност да ги видиме на просторите во поранешна Југославија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и слично, тој конфликт беше запрен на самиот почеток. Се разбира имаше жртви за кои сите ние жалиме, нешто што не мораше да се случи. Меѓутоа, кога веќе се случи, добро е што не дозволивме да се помине црвената линија. Не дозволивме да се случи една тотална меѓуетничка војна со огромни разорувања после што е многу тешко да се вратиме назад. Се постигна политички договор, не после војна, туку токму за да не се случи војна - тоа е Охридскиот договор и мислам дека периодот после 2001 година беше период во кој се направи една нова структура во градењето на едни сосема поинакви меѓуетнички односи во Македонија, каде основната цел беше рамноправност, еднаквост, одговорност подеднаква за државата и кон државата и нема територијални решенија за етнички прашања. „

Деновиве еден наслов во Шпиц ги уплаши луѓето во Македонија - дека Грција и Бугарија се подготвуваат да и го оспорат постоењето на Македонија. Вие сте во политиката, бевте и премиер, млад политичар денеска сте претседател на оваа држава - прашањата и проблемите со соседите останаа исти - името, јазикот, иако економските односи се подобрија. Зошто Македонија не може да излезе од тие детски чевли сеуште?

Црвенковски: „Не, не тоа не проблем на Македонија, ниту е проблем на македонскиот народ. Повеќе е проблем на постоење на рецидиви кај нашите соседи. Рецидиви од некакви претходни историски нивни позиции и ставови, или историски константи кои во подолг временски период постојат во однос на националниот идентитет на македонскиот народ. И всушност кога ќе го погледнеме овој период и оспорувањата, всушност со оспорувањето на името на нашата држава, со оспорувањето на јазикот и засебноста, со оспорувањето на црквата всушност се оспорува националниот идентитет на македонскиот народ. Пак ќе речам тоа не е проблем на поимањето на сопствениот национален идентитет кај Македонецот, или кај македонскиот народ, туку е проблем на прифаќањето на реалноста која што постои од страна на нашите соседи, при што дури би отишол и еден чекор понатаму не би сакал да кажам дека се работи за генерален став на соседите, туку повеќе се работи за соочувањето од нивна страна со некои свои историски заблуди.“

Дали може наскоро да очекуваме решение на прашањето со името?

Црвенковски: „Па, тоа е прашање кое што за нас е од највисок приоритет. Во секоја прилика кога разговараме со претставници од меѓународната заедница, велам дека нема некој друг кој повеќе од нас е заинтересиран тоа прашање брзо да се реши. Ние би сакале да се симне од дневен ред употребата на референцата во ОН и во некои меѓународни односи. Меѓутоа, исто така, покрај тоа што сакаме брзо да се реши тоа прашање, за нас е многу важно и како ќе се реши. Значи маргината или прагот на флексибилност за Република Македонија и за македонскиот народ е до таа мера што уставното име на нашата држава мора да биде сочувано и за внатрешна и за надворешна употреба.

Што ќе направи Македонија за тоа побргу да се реши?

Црвенковски: „Ние со една политика којашто ја спроведувавме во изминатиот период мислам дека веќе покажавме и постигнавме резултати. Да ве потсетам, ако нашиот старт беше во една ситуација кога дури и Европската заедница ја донесе Лисабонската декларација во која што се тврдеше дека нашата земја нема да биде признаена се‘ додека во нејзиното име постои зборот Македонија – значи тоа беше некоја појдовна основа и причина зошто со задоцнување од неколку години станавме членка на ОН во однос на други бивши југословенски републики – денес имаме ситуација во која што три од петте постојани членки на Совето за безбедност веќе имаат воспоставено дипломатски односи со Македонија под нашето уставно име - тоа се САД, Руската федерација и НР Кина, и кога сто и дванаесет земји членки на ОН, што значи мнозинството од земјите во ОН, го користат во билатералните односи уставното име на нашата земја. Значи, тоа е резултат на политиката што се водеше во изминатиот период и на аргументите кои ги презентиравме и врз основа на кои овие влијателни меѓународни фактори ја донесоа својата одлука. Што значи, ние ќе продолжиме да ја промовираме вистината. Бидејќи во случајот на Република Македонија најсилен аргумент е вистината. "