1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Сирија набљудувачи со надзор

По споредбено позитивната проценка на ситуацијата во упориштето на протестното движење, Хомс, набљудувачите на Арапската лига ќе посетат натамошни центри на отпорот против владата на претседателот Башар ел Асад.

Во Хомс се пука. Тоа треба да го потврди оваа интернет видео снимка. Среде престрелките се претставниците на набљудувачкиот тим, овде со портокалови елеци. Нивната проценка по еден ден минат во седиштето на протестното движење Хомс е: Нема причина за вознемиреност, некои места изгледаат, цитат „малку хаотични“, меѓутоа ситуацијата севкупно е мирна, изјави шефот на набљудувачката група Генерал Даби.

За жителите на Хомс ова е чисто потсмевање. Тие постојано зборуваат за насилство. На интернет видеата, објавени деновиве, се гледаат снајперисти како пукаат врз цивили, експолозии, празни улици, ранети во провизорни болници. Сето ова меѓутоа не може да се провери.

На набљудувачите противниците на режимот меѓутоа не сакаа да им се доверат, затоа што при нивната посета на Хомс ги придружуваше висок сириски воен функционер.

Сега повеќе држави го повикаа сириското раководство, да им дозволи на набљудувачите да ја вршат својата работа без надзор.

Режимот во Дамаск се удира во гради со отстапки, додека во земјата се меѓународните набљудувачи. Државната телевизија информираше дека биле ослободени повеќе од 750 затвореници - истовремено организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч пак информира дека биле скриени стотици политички затвореници од очите на набљудувачите на Арапската лига.

Дури и крвопролевањето очигледно не е сопрено. Од градот Хама се јавува за неколку жртви - според опозицијата владините трупи стрелале врз невооружените демонстранти.

Исто така и бунтовниците употребуваат насилство: Во провинцијата Дара по се изгледа се убиени четири владини војници- врз нивниот конвој стрелале дезертери на сириската армија.

Автор: Бастијан Хартиг/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски

Аудио и видео прилози на оваа тема