1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во СДСМ типуваат на Заев

Според извори во партијата, Зоран Заев има најголеми шанси за лидерски мандат, поради посветеноста на работата, комуникативноста и фактот дека зад себе има три победи, во време кога победата е реткост во СДСМ

Најавата на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, дека нема да се кандидира за нов лидерски мандат, ги отвори лицитациите со името на неговиот наследник. Иако во СДСМ се воздржуваат од прераскажување на текот на синоќешната седница на Централниот одбор, на која Црвенковски ја соопштил својата одлука, сепак потврдуваат дека атмосферата била исклучително мачна и непријатна. Низ дискусиите неформално се издиференцирале две групи. Според едни, заминувањето на Црвенковски од партијата би значело нејзин распад, а од аргументацијата на други индиректно бил навестен ставот дека перспективите на СДСМ се поголеми без Црвенковски. Голем дел од присутните молчеле, но тој молк во партијата не го толкуваат како поддршка на Црвенковски, туку повеќе како несогласување со неговата политика, особено со неговиот вчерашен настап.  

„Својот став дека нема да се кандидира за нов мандат можеше да го соопшти на почетокот на седницата, а не на крајот, бидејќи целата дискусија ќе се насочеше поинаку. Со сета почит кон неговиот придонес во партијата, за жал, на крајот останаа само неговите оценки дека недисциплина го следела во неговите потези или дека партијата се однесувала клиентелистички, што остави лош впечаток дека сите се виновни, но не и тој. Тоа навистина не беше ни коректно, ни потребно," коментираат во партијата. 

Заев претседател, Шекеринска-заменик?

Според одлуката на ЦО, Конгресот на СДСМ ќе се одржи на 2 јуни. Од денеска почнуваат роковите за самокандидирање и кандидирање за претседателската и за членови во другите органи на партијата. Засега, како извесни кандидати за лидерската позиција се спомнуваат сегашните потпретседатели на партијата - Зоран Заев и Зоран Јовановски, но и Игор Ивановски. Радмила Шеќеринска, поранешен лидер на СДСМ, која деновиве се спомнува како кандидатска двојка со Зоран Заев, кратко одговара:

„Да, Заев ќе се кандидира и јас ќе му дадам максимална поддршка".

Извори во партијата велат дека Заев предлагал да се воведе и функција заменик - претседател во партијата, но таа може да направи дури по Конгресот, со измена на статутот. Многумина на таа функција ја гледаат токму Шекеринска.

Иако во партијата не исклучуваат дека бројот на кандидати во следниот период може да се збогати и со други имиња, мнозинството со кои контактираше ДВ велат дека најголема поддршка да биде нов лидер на СДСМ има Зоран Заев.

„Тој има една карактеристика, која не може да се учи или да се вежба- добронамерност и отсуство на ароганција. Има огромна поддршка и е омилен

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,

Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев

меѓу членството, поради својата непосредност, посветеност на работата и комуникативноста. Но, она што е многу важно, е фактот дека зад него стојат и три по ред изборни победи, во време кога победата е реткост во СДСМ", велат во партијата.

Важен реформски потег

Ѓорѓи Спасов, поранешен Генерален секретар на СДСМ и познавач на состојбите во партија, смета дека оставката на Црвенковски е од извонредна важност за реформа на партијата.

„Кога тој беше избран за претседател на партијата во 1991 година, со неговите 29 години, од голема важност беше партијата-наследник на СКМ да има лидер кој не може да биде обвинуван за се што се случувало во комунизмот. Сега за СДСМ е важно да добие лидер кој не може да биде обвинуван за сите слабости во транзицијата. На неговата оставка треба да се гледа како чин на менаџирање со кризата во СДСМ, од чие разрешување партијата треба да излезе посилна. Независно кој ќе биде избран за нов претседател, тој ќе има задача партијата да ја засили организациски и кадровски, а програмски да ја направи реална политичка алтернатива на сегашниот национал-популизам, културен конзервативизам и економски неолиберализам кој доведе до големо осиромашување на средната класа во Македонија. Секако, по заминувањето на долгогодишен и харизматичен лидер, тоа нема да биде лесна задача. Но во време кога политиката е персонализирана, кога лидерот е симбол на се она што прави партијата, промената на таквите симболи се покажува ефикасна во сите демократски партии", оценува Спасов.

Од политичкиот опонент на СДСМ, до овој момент не добивме коментар на повлекувањето на Црвенковски од лидерската позиција, чин на кој ВМРО-ДПМНЕ повикуваше во многу прилики.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, вели дека партијата не би коментирала персонални решенија во СДСМ.

„Нема да коментираме внатрешно партиско прашање. Но, нашата желба е СДСМ да се консолидира, да биде силна опозиција и да биде влијателен коректор на власта, затоа што само така во општеството може да има здрава политичка рамнотежа", вели Османи.