Во светската економија силите се менуваат: | Економија | DW | 28.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Во светската економија силите се менуваат:

Соединетите Американски Држави се издуваа. Азија расте вообичаено динамично, а Европа заздравува. Цената на нафтата предизвикува турбуленции, доларот паѓа ли паѓа. Ролф Венкел подготви преглед на економските настани во 2006 година:

Иднината е во технологија што ќе ја зачува човековата околина

Иднината е во технологија што ќе ја зачува човековата околина

2006 година беше бурна година за светската економија. Зашто, додека конјунктурната локомотива САД полека губи на сила, стариот континент Европа добива залет. Германија веќе не е на опашката во Европа туку се најде на врвот. А, уште во пролетта сето тоа звучеше многу поинаку. Така, Хајно фон Мајер од организацијата за економска соработка и развој ОЕЦД велеше:

„Едната нога - извозот е силна и носечка, додека другата, домашната побарувачка, се уште е слаба. Меѓутоа, знаците на заздравување покажуваат дека реформската терапија почнува да дава резултати, иако Германија и натаму е со бастун„.

Овој бастун германските потрошувачи во меѓувреме го фрлија. Приватната потрошувачка полека почна да расте. Во мај германскиот парламент го одобри спорното покачување на данокот на додадена вредност од 16 на 19 проценти почнувајќи од 1 јануари 2007 година. Многумина посматрачи велат дека тоа ја загреа потрошувачката зашто секој сака да го предупреди покачувањето на даноците. Други пак сметаат дека тоа е резултат на типичниот германски страв од иднината. Дали тоа беше поврзано и со фудбалската летна бајка? Петра Хедорфер, претседателка на германската централа за туризам во секој случај беше среќна поради светското фудбалско првенство:

„90 проценти од анкетираните гости се чувствуваа повеќе од добредојдени во Германија. За нас е посебно интересно што повеќе од половината од сите нив се првпат во Германија. Тоа значи дека добивме нови групи клиенти за Германија и искрено речено, станува збор за љубители„.

Германската индустриска и трговска комора дури зборуваше за 60 илјади нови работни места и дополнителен растеж од 0,3 проценти што ги обезбеди светското првенство во фудбал. Експертот за конјунктура Фолкер Траер:

„Во 2007 година ќе останат уште 20 илјади работни места од сето тоа. Меѓутоа, со добивката на имиџиот и подобрената инфраструктура постојат можности германските производи и земјата како место за инвестирање да станат уште поатратктивни, а соодветно на тоа и долгорочни позитивни ефекти„.

Се разбира дека влијанието на светското фубалско првенство може да се мери во промили, меѓутоа психолошки имаше влијание, а психологијата во стопанството не смее да се потцени. Во Германија во секој случја цути извозот, фирмите инвестираат повеќе, а потрошувачите се оптимисти какви што не биле со години. Бројот на невработените во ноември првпат по 4 години падна под границата од 4 милиони, а државата е задоволна од дополнителните приходи од даноците. Министерот за финансии Пер Штајнбрик:

„Постои лозунг според кој е убаво чувството да се имаат пари, за разлика од чувството кога се немаат. Во секој случај, во моментов уживам во фактот дека ситуацијата се развива многу подобро од она што го предвидував„.

Тоа за себе можат да го тврдат и други – на пример нафетната индустрија. Во јануари руската државна фирма „Газпром„ ги затвори славините во спорот со Украина за зголемување на цените на гасот, па и во Европа разбуди страхувања околу поголемата зависност од енергија. Екстремно долгата зима и нервозните шпекуланти ја турнаа цената на нафтата на рекордно ниво од 78,40 долари за барел, која дури во есента повторно падна на 60 долари што сето заедно ги наполни касите на нафтените концерни.

Златни биланси и полни каси имаа и други фирми во многу бранши со што ја задржаа напнатоста во играта околу преземањата. Челичниот џин Митал стил, кој е веќе водечки на светкиот пазар, го купи бројот два, луксембуршкиот челичен концерн Арселор - по неколкумесечни обиди да го преземе - за 25,6 милијарди евра. Германскиот енергетски џин Е. ОН му нуди 37 милијради евра на шпанскиот снабдувач Ендеса, но и до крајот на 2006 не е на целта, зашто шпанската влада на тој пат постави многу сопки. Хемискиот џин Баер за околу 17 милијарди евра го купи берлинскиот фармацевтски концерн Шеринг, американскиот телефонски концерн АТ и Т за 67 милијради долари го презеде конкурнетот Бел Саут.

Меѓутоа, не успеваа сите: имаше и банкроти, пехови и несреќи. На пример, европскиот производител на авиони „Ербас„ мораше да признае дека ќе се одложи испораката на супер-авионот А 380. Тоа ги налути клиентите и ги шокираше берзите. На концернот мајка ЕАДС му се заканува финансиска катастрофа. Ко-шефот на ЕАДС, Германецот Томас Ендерс:

„Вие ја знаете поговорката дека во секоја криза се кријат и можности. Ние сме решени тоа да го прифатиме. Имаме цела низа идеи кога станува збор за подобрување на индустрискиот процес во Ербас, производството и развојот се до конечната монтажа. Сетоа тоа до детали ќе биде разработено во наредните недели и месеци„.

Банкроти, пехови и несреќи: продажбата на сименсовите мобилни апарати на тајванскиот Бенк концерн по само една година заврши со катастрофа. Бенк, германските фабрики ги испрати во банкрот. Беа укинати голем дел од трите илјади работни места. Во местото Бохолт владеат бес и очај:

„Тоа е свинштина. Дебелите повторно ги собраа сите пари, а малите останаа со празни раце„

„Она што го направи Сименс се разбира дека не е убаво. Тие едноставно се извлекоа од аферата„.

„Овде ионака многумина се невработени, индустријата бега, на пример, текстиланата во целост исчезна„.

Сименс мораше да издржи тешки критики: најнапред ги намали платите, го зголеми работното време, а потоа ја избегнуваше одговорноста. На целото богатство во рација во Сименс во Минхен беа откриени и црни каси во странство, штетите според последните податоци префрлуваат 400 милиони евра. На насловните страници стигна и Фолксваген: на денот на рацијата во Минхен против поранешниот директор Петер Харц беше покрената постпка поради проневера во 44 случаи. Поради проневера пред судот во Диследорф мораа да одговараат и шефот на Дојче банк, Јозеф Акерман, и уште петмина обвинети во процесот Манесман: станува збор за исплатени премии од 57 милиони евра на екс-менаџерот на концернот Манесман.

Но, од менаџерите се бара и поголемо чувство за одговорност кога станува збор за работните места. И покрај добивките од милијарди евра, осигурителниот концерн Алијанц во јуни најави скусување на 7 ипол илјади работни места. Франс телеком и покрај огромните добивки, отпушти 17 илјади вработени, скоро 8 проценти од сите вработени. Вториот најголем производител на автомобили Форд има намера да се откаже до скоро 30 илјади вработени, но не поради големи добивки, туку поради загуби: не се купуваат автомобилите што голтаат гориво. И Џенерал Моторс и Крајслер тапкаа во место, додека конкуренцијата од Јапонија и Германија бележи добивки.

И на американскиот пазар со недвижнини му се заканува пукање на балонот – се повеќе станови остануваат непродадени и наоѓаат нов сопственик само по намалена цена. Дали е минато американската конјунктура? Берзијанците не веруваат во тоа: на 18 октомрви американската берза првпат ја достигна границата од 12 илјади поени. Дејвид Вајс од фирмата Стандард и Пур:

„Очекуваме меко атерирање. Како во 1995-96 кога стопанството во една година забележа пораст од само два процента. Меѓутоа, постојат цела низа ризици. На пример, нафтата. Во изминатите месеци цената падна што ги балансираше проблемите на пазарот со недвижнини„.

Родриго де Рато, директор на Меѓународниот монетарен фонд сепак е скептичен во тоа дали САД и натаму можат да ја играат улогата на конјунктурна локомотива:

„Можно е светското стопанство да го достигна зенитот. Големата надеж дека е можно да продолжи циклусот се наоѓа во ширењето на светската трговија. Ако тоа не успее, тогаш изгледите не се добри„.

Дека САД губат на тежина во однос на Источна Азија и Европа може да се види и врз курсот на доларот. Во почетокот на годината едно евро чинеше 1,17 долари, а во почетокот на декември веќе 1,33. Меѓутоа, иако се поместуваат тежиштата во светското стопанство, тоа не мора д а значи и крај на светскиот стопански циклус. Зашто растежот во источна Азија и натаму е стабилен и динамичен, а со Индија во играта влегува уште еден глобален играч. За само 15 години потконтинентот се искачи на десеттото место на најголемите економии, и создаде средна класа од околу 200 милиони што добро заработува. И покрај тоа, Јирген Фичен, член на управниот одбор на Дојче банк предупредува:

„Индија не може да си дозволи исклучиво да се концетрира врз секторот на услужни дејности зашто на тој начин не може да создаде доволно работни места. 60 насто Индуси живеат на село и не учествуваат во тоа на што во моментов му се восхитуваме. Ќе падне секоја влада што нема да успее на овој дел од населението да му го обезбеди минимум услови за живот„.

Тоа пак, останува главниот проблем во светското стопанство: како да се намалат разликите меѓу сиромашните и богатите кои всушност, стануваат се поголеми? И што да се направи во воздухот да не се најдат уште повеќе штетни гасови?

Извештајот „Штерн„ на еден од поранешните шефови во Светската банка и сегашен советник на британската влада, Николас Штерн смета дека оној што сега ќе инвестира во заштитата на климата може вистина да заработи пари. Оној што ја игнорира промената на климата ќе мора да плати до 20 проценти од бруто-националниот производ за битка против климатските штети. Премиерот Тони Блер го оцени извештајот „Штерн„ како најважен документ што бил објавен во неговите скоро десет години владеење:

„Денес веќе никој не се сомнева дека научните докази во врска со тоа се несоборливи. Никој не се сомнева дека последиците за нашата планета се катастрофални ако не и се даде за право на науката. И таа катастрофа не се одигрува во некоја научно-фантастична иднина, туку сега, додека ние живееме„.