1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во светот се случува морална ерозија

Проф. д-р Стефан Санџаковски, редовен професор на Православниот богословски факултет во Скопје за актуелната применливост на Десетте божји заповеди и моралот во православието.

default

Стефан Санџаковски

Десетте божји заповеди се вонвременски, но дали во овој миг тие и универзално се применливи ?

Санџаковски: Сите егзистенцијални прашања носат глобален карактер. Според својата природа, одвнатре носат по некоја трансцедентална вокација. И тие со самото тоа се важечки за сите човечки поколенија и за сите времиња. Врз декалошкиот корпус на морални вредности се темели нормалното и природното постоење и функционирање на секоја мала или голема заедница на луѓе. Почнувајќи од брачната, па преку семејната, па се‘ до најшироката заедница. Десетте божји заповеди се гарант за сочувување на моралниот статус на личноста и заедницата, а со тоа и на редот и поредокот во општеството. Инаку, би се случил беспоредок – анархија. Оттука може да се извлече заклучокот за нивната актуелност за современото општество, како и за секое друго општество. Нивната вечна актуелност, произлегува од нивната совршена усогласеност со вистинската природа на човекот.

Луѓето различно гледаат на Божјите заповеди. Каде лежи нивната основа?

Санџаковски: По прашањето на една од Десетте заповеди- „Сакај го ближниот свој , како што се сакаш самиот себе си ", индикативно е мислењето на францускиот егзистенцијалист Жан Пол Сартр, кој што ближниот го доживува како свој пекол. Од другастрана еден познат пустиножител на египетската пустина Ава, Арсениј, за пеколот зборува како за неможност луѓето да си ги видат лицата, да се гледаат лице во лице. Исполнувањето на Десетте божји заповеди ја овозможува нормалната и природната комуникација помеѓу луѓето, нивното заобиколување ја оневозможува. Оттука произлегуваат сите кризи на модерното општество.

Се согласувате ли дека етиката и моралот се на многу ниско ниво во Македонија во мигов?

Санџаковски: Апсолутно! Се случува морална ерозија. Во Македонија се случува нешто што се случува во целиот свет. И тоа се должи токму на духот на релативизмот на новопрокламираната религија или религиозни вредности што му се нудат на човекот на строго индивидуален план, со намера да се разбие се‘човечката заедница на луѓето.

Се‘ тече и се менува. Треба ли и православната црква да се менува за да им стане поблиска на верниците?

Санџаковски: Црквата се гледа себеси одвнатре. Таа никако не смее да биде, со филмскиот јазик кажано, од ракурсот на надворешниот свет кон внатрешниот. Нејзиниот неиституционален карактер е доминантен, бидејќи не е човечка творба. Таа има способност да се самосоздава. Самосоздавањето е атрибут на божествената природа.Таа е жив организам од телото на богочовекот Христос. Теоријата на адаптација на црквата кон времето води кон релативизирање на вечните вредности, чиј сведок и чувар е токму црквата. Од тие причини православната црква не го брка времето, туку се поставува како критериум со кој се измерува секој човек и секое време. Таа не трпи промени во суштината на учењето. Но изнаоѓа начини за негово правилно и неизменето пренесување, односно предавање од една на друга човечка генерација, пришто се грижи за карактеристичните особености на времето во коешто се случува трансмисијата на вечниот категоријален систем. Православната црка е вечно млада и невенлива богочовечка заедница на живи и конкретни личности, собрани на едно место и околу Христа распнатиот и воскреснатиот. Таа е вечно нова и вечно современа небоземна тајност.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска