1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Романија се купувале гласови за европските избори!?

Ни на изборите за Европскиот парламент не секогаш и не секаде работите се одвиваат како што е законски предвидено. Во Романија, на пример, изгледа имало купување на гласови. Цената наводно била 10 евра за глас.

default

Ќерката на претседателот на државата, 29-годишната Елена Басеску, мора уште да учи како да го паркира својот голем џип. Инаку, поранешниот модел се чувствува во секој поглед подготвена за Брисел и за новите задачи како пратеник во Европскиот парламент. Таа направи брза кариера - од модната писта, преку челното место во подмладокот на партијата на претседателот, до европарламентот. „Тато и’ го овозможи“, докажаа истакнати романски новинари преку прикриено водени истражувања.

„За ќерката на претседателот беше ангажирана една огромна партиска машинерија“, критикува популарниот новинар Дан Тапалага. Со уште еден колега, тој по телефон се јавувал во повеќе регионални партиски организации на претседателовата либерално-демократска партија, претставувајќи се како претставник на централата на партијата на Басеску. Така дознал од раководителката на изборниот штаб во Сату Маре дека за Елена се’ оди според планот.

„Од локалните групи во секое место веќе се организирани лица од доверба, кои имаат задача да гласаат за госпоѓица Басеску“, пријателски објаснила дамата. Конечно, во малите средини најдобро се знае кому може да му биде доверена таква скокотлива задача.

EU Wahlen zu EU Parlament in Brüssel Rumänien Elena Basescu

Елена Басеску

Сличен одговор репортерот добил и од регионот Вранке.

„Со шефовите на сите локални групи е договорено да обезбедат најмалку 10 гласови на секое избирачко место. Секој раководител мора да одговара за ’мисијата Елена‘. Во местата во кој имаме наш градоначалник, ќе има и повеќе гласови“.

Елена настапи како независен кандидат

Во цела Романија имаше 17 илјади избирачки места и така беа собрани гласовите што и’ беа неопходни на Елена Басеску за да биде избрана за пратеник во Европскиот парламент. Припадничката на џет-сетот, повеќе нападна и секси, отколку убава, мораше да настапи како независна кандидатка: истакнати членови на Либерално-демократската партија протестираа кога тато-претседателот сакаше да ја стави на петто место на партиската листа својата многу ограничена ќерка.

Дотолку понепријатна е откриената изборна измама - за партијата која досега се истакна во борбата против корупцијата, за претседателот кој си дозволи таков скандал спроти претседателските избори што се наближуваат. За скандалот, инаку, има паралелни примери од историјата, критикува репортерот Дан Тапалага.

„Очигледна е споредбата со Нику Чаушеску, нескромниот син на нашиот поранешен диктатор: Елена Басеску, разгалената принцеза, не само што е поддржана од партиската номенклатура, туку партијата во еден критичен момент е подготвена дури и да се жртвува“.

Социјалдемократите „изедначија“

Тајната „ЕУ-мисија Елена“, се чини, дури ја попречи изборната победа на партијата на романскиот претседател, па социјалдемократите имаат еден мандат повеќе во Брисел. Но, откако вечерта по изборите Елена Басеску повторно се врати во скутот на партијата на татко и’ и беше затрупана со честитки од премиерот Емил Бок, сега повторно владее рамнотежа во секој поглед, оти и социјалдемократите мамеле на изборите во голем стил. Две новинарки на еден романски неделник прикриено се пријавиле како изборни помошнички кај социјалдемократите и добиле задача да придобијат колку што е можно повеќе студенти да гласаат за црвените, нудејќи им по 10 евра за секој глас за социјалдемократите.

За купување гласови во Романија е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор. Во минатото постојано беа откривени такви случаи, но досега никој не беше осуден.


Автор: Андреа Милбергер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска