1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во проблемот со името Македонија е сама

Германската политичка поддршка за Македонија формално постои. Германија нуди помош, но земјата самата мора да го реши спорот со Грција, без кого Меркел не верува дека ќе има единство за прием на земјата во НАТО и ЕУ.

Средбата меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и германскиот канцелар Ангела Меркел формално уште еднаш ги потврди добрите односи меѓу двете земји, особено во економијата. На висок политички план, меѓутоа, иако и Меркел и Груевски доаѓаат од сестрински партии, факт е дека претстои уште многу, многу работа за да се добие онаква германска поддршка каква што се посакува и која би била визит карта за интегрирањето на Македонија во евроатлантските структури. Или, како вели еден германски познавач: се’ е добро меѓу Македонија и Германија - само недостига вистинската политичка комуникација, цврстата нишка на поврзаност. А, аргументи за ова има повеќе.

Без нишка водилка

Пример еден: Груевски се сретна во Берлин со Меркел во 2006 и сега во 2012. И Меркел го посети регионот. Но, имаше разговори само во Белград и Приштина, не и во Скопје.

Пример два: Германските влади од 2004 до денес не реагираа на Резолуцијата на  Бундестагот со која се бараше прифаќање на уставното име на Македонија. Иако документот не беше обврзувачки за Владата, изминаа осум години во кои односот кон земјата ни за милиметар не е сменет: официјално остана Поранешна Југословенска Република Македонија, иако во билатералната комуникација некои ја ословуваат и само со Македонија.

Angela Merkel und Nikola Gruevski PK in Berlin

Македонија многу очекуваше од средбата Груевски - Меркел

Пример три: По одлуката од Хаг изостана германска реакција на највисоко ниво. Немаше никаков коментар што значи пресудата за Македонија, за Грција и идните интеграции на земјите од Западниот Балкан. Наш соговорник, кој не сака да зборува пред микрофон, кажува дека не ни помислува што би се случило доколку Грција го добиеше спорот во Хаг. Тогаш, според него, Македонија би била буквално закопана!

Пример четири: Германскиот државен врв има строг протокол. По разни случаи веднаш испраќа честитки или телеграми на сочувство. Ваква експресна германска реакција изостана при изборот на новата македонска влада, а освен шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле, ниту Меркел ниту претседателот Кристијан Вулф не испратија сочувство по смртта за првиот македонски претседател Киро Глигоров. Можеби е формалност, но врз вакви формалности почива и највисоката политика.

Реактуелизирање на Резолуцијата во Бундестагот

Имајќи го сево ова предвид со право човек може и да се праша: на каква германска поддршка навистина може да смета Македонија? Економијата ја ставаме настрана зашто таа функционира, иако да потсетиме – мина долго време додека германските инвеститори ги согледаа предностите за вложувања во Македонија.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

По вторпат на визита кај Меркел. Премиерот Никола Груевски

Што се донесува до примената на уставното име  висок политичар за ДВ  кажува дека социјадемократите во Бундестагот сакаат да ја реактуелизираат усвоената Резолуција од пред осум години со која се бараше премена на уставното име на Македонија, иако пратениците се свесни дека иницијативата тешко ќе може да се истурка. Сепак, сакаат да се обидат. „Германија, која во моментов го има кормилото во справувањето со евро кризата и која сега не е особено омилена кај грчката страна, мора да побара и проевропска ориентација од Грција, со што би се отстраниле блокадите на патот на Македонија во ЕУ и НАТО. Германија може да притисне, сигурно не сосема отворено, но може да испрати сигнал“, е оптимист  изворот на ДВ. Вчера (14.02) меѓутоа некаков голем сигнал за надеж и конкретна германска политичка поддршка на Македонија изостана. Најмногу што може Македонија од Германија да очекува е помош, но не и директна поддршка со спорот со името. Затоа Меркел уште еднаш децидно побара преговори, зашто без решение не верува дека ќе може да се постигне единство за прием на Македонија во НАТО и ЕУ. Значи формално Германија нуди помош, но, политичката задача Македонија мора да си ја заврши сама. Конечно, ништо ново ни од Берлин!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска